ТРАМП НАЈАВИ ДОБРИ ВЕСТИ ЗА КРАЈ НА ВОЈНАТА Состанок на делегациите на САД, Русија и на Украина во Абу Даби
Белата куќа вчера соопшти дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф ќе присуствува на разговорите со руските и украинските делегации во Абу Даби. Трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија за завршување на војната во Украина ќе се одржат на 4 и 5 февруари.
Наскоро би можеле да имаме добри вести за завршување на речиси четиригодишната војна во Украина, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп.
– Мислам дека се справуваме многу добро со Украина и Русија. Ова е прв пат да го кажам тоа. Мислам дека можеби имаме добри вести – им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на Белата куќа.
Белата куќа вчера соопшти дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф ќе присуствува на разговорите со руските и украинските делегации во Абу Даби. Трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија за завршување на војната во Украина ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека одложувањето на втората рунда мировни преговори за Украина во Абу Даби е резултат на несогласувањата во распоредот на делегациите и дека нови разговори ќе се одржат на 4 и 5 февруари.
На претходната средба во Абу Даби од 23 до 24 јануари, фокусот на разговорите беше на прекин на војната и продолжување на мировниот процес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во редовното видео обраќање синоќа најави дека украинската делегација замина на трилатерален состанок во Абу Даби.
– Средбите ќе бидат во среда и четврток. И не само трилатералниот формат, туку и нашиот билатерален формат со Америка… Подготвени сме за безбедносни гаранции. Владините претставници работат на обновата и понатамошниот развој на Украина, нашите тимови се активно вклучени во ова – рече Зеленски.
Тој нагласи дека е исклучително важно САД решително да го поддржат дијалогот и соработката со руската страна во овој момент.