БЕД БАНИ ИСПИША ИСТОРИЈА НА ДОДЕЛУВАЊЕТО НА ГРЕМИ За првпат, албум на шпански јазик ја освои главната награда на вечерта
Порториканскиот музичар познат по постојаното менување на стилови, е првиот уметник во 68-годишната историја на доделувањето на наградите Греми кој ја освоил наградата за албум на годината за албум испеан целосно на шпански јазик.
Иако главна ѕвезда на вечерта на доделувањето на годинешните, 68-ми по ред Греми награди, беше раперот Кендрик Ламар, кој освои пет Греми награди, најголемата награда му се лизна од рацете, па наградата за албум на годината му беше доделена на Бед Бани за неговиот шести студиски албум Debí Tirar Más Fotos.
Песна на годината е баладата „Wildflower“ од Били Ајлиш, најдобар нов изведувач е Оливија Дин, а оваа вечер беше успешна и за Лејди Гага, чиј „Mayhem“ ја освои наградата за најдобар поп вокален албум, а нејзината „Abracadabra“ ја освои наградата за најдобра денс/поп песна.
Церемонијата на доделувањето на Греми наградите беше обележана со политика.
Бед Бани, порториканскиот музичар познат по своето постојано менување на стиловите, е првиот уметник во 68-годишната историја на доделувањето на наградите Греми кој ја освоил наградата за албум на годината за албум испеан целосно на шпански јазик.
Неговиот награден албум е дело кое ја слави богатата историја на латино музиката, и ги победи Лејди Гага, Кендрик Ламар и Сабрина Карпентер за главната награда на вечерта.
31-годишниот музичар, кој ќе биде главен изведувач на полувремето на Супербоул следната недела, ја посвети наградата на имигрантите, завршувајќи ја церемонијата обележана со критиките на уметниците за моменталните имиграциски политики на американската администрација.
Меѓу нив беше и британската пејачка Оливија Дин, која беше прогласена за најдобар нов изведувач.
„Тука сум како внука на имигрант“, рече пејачката, чија баба Кармен била дел од генерацијата Виндруш (луѓе од Карибите кои емигрирале во Велика Британија помеѓу 1948 и 1971 година по Втората светска војна).
Дин рече дека таа е производ на храброст и дека „сите отие луѓе заслужуваат да бидат славени“.
Ѕвезди како Глорија Естефан, Келани и Били Ајлиш, исто така, ја покажаа својата поддршка за имигрантите, додека некои уметници носеа значки „Ice out“ на црвениот тепих.
Бед Бани изгледаше изненаден кога Хари Стајлс го прочита неговото име како добитник на наградата за албум на годината.
Тој застана на неколку моменти за да се смири пред да излезе на сцената.
Со солзи во очите, ја посвети наградата на „сите оние кои морале да ги напуштат своите домови, своите земји и своите држави за да ги следат своите соништа“.
Претходно, кога ја освои наградата за најдобар урбан музички албум (musicá urbana album), Бед Бани, чие вистинско име е Бенито Окасио, беше подиректен.
– Пред да му се заблагодарам на Бога, сакам да кажам ICE надвор! Ние не сме дивјаци, ние не сме животни, ние не сме „странци“, ние сме луѓе и ние сме Американци – рече тој, осврнувајќи се на американските службеници за имиграција, по недели тензии во Минеаполис.
Пејачката Били Ајлиш, која ја освои наградата за песна на годината за Wildflower, исто така се осврна на тековните немири во Америка.
– Навистина е тешко да се знае што да се каже и што да се направи во моментов. Чувствувам дека мора да продолжиме да се бориме и да протестираме. Нашите гласови навистина се важни, а и луѓето се важни – рече пејачката.
„Wildflower“, неочекуван хит од нејзиниот трет албум „Hit Me Hard And Soft“, стана нејзина трета песна на годината оваа деценија.
Кендрик Ламар ја освои наградата за најдобар рап албум за GNX, надминувајќи го Џеј-Зи како рапер со најмногу Греми награди – вкупно 26.
Подоцна додаде 27-ми трофеј во својата колекција, освојувајќи ја наградата за песна на годината за „Luther“, дует со R&B пејачката SZA.
Шер, која ја прифати наградата за животно дело, ја напушти сцената без да ги прочита номинираните, а потоа немаше поим како да открие кој победил.
– Ми рекоа дека ќе биде на телепромптерот – рече таа, пред да го отвори пликот и погрешно да ја прочита картичката.
За момент, изгледаше како наградата да му припаднала на покојниот соул пејач Лутер Вандрос, кој се споменува во песната на Ламар.
Бед Бани освои вкупно три награди, голема пресвртница за латино музиката, која со години беше запоставена на англиското говорно подрачје.
Појавата на стриминг услугите помогна во рушењето на јазичните бариери, а Бед Бани е еден од главните добитници од оваа промена.
Минатата година, тој беше најстримуваниот изведувач на Spotify со неверојатни 19,8 милијарди преслушувања.
Легендарната кантри ѕвезда Реба Мекинтајр првпат се појави на Греми наградите, изведувајќи ја својата песна Trailblazer за време на сегментот In Memoriam, во кој беа почестени Џими Клиф, Кони Френсис, Рој Ајерс и други.
Брус Спрингстин сними специјална почит кон Брајан Вилсон, ѕвездата на Beach Boys, додека Чака Кан му оддаде почит на пионерот на фанк музиката Слај Стоун.
Ози Озборн беше исто така почестен со ол-стар бенд во кој беа Пост Малоун, Слеш, Даф Мекеган од Guns N’ Roses и тапанарот на Red Hot Chili Peppers, Чед Смит.
Конечно, Лорин Хил им оддаде почит на Енџи Стоун, Роберта Флек и Р&Б ѕвездата Д’Анџело.
На сцената ѝ се придружија Чака Кан, Џон Баутиста, Вајклиф Џин и Дон Леџенд, затворајќи ја церемонијата со песната „Killing Me Softly“, која Лорин Хил ја искачи на првото место со „The Fugees“ во 1996 година.