Курир на својата дијагноза – системска неправда што мора да се прекине

Кога зборуваме за дигитализација, постои правило кое треба да се почитува, а кое гласи дека ако системите не се поврзуваат преку стандарди и не „разговараат“ меѓусебно, добиваме дигитален хаос. Затоа PACS мора да биде дел од поширокиот еко-систем на е-здравство, а не изолиран остров.

209

Постојат ситуации во здравството што на прв поглед изгледаат како нормална „мала нервоза“ на која граѓаните се навикнати, а всушност се израз на големи системски грешки. Една од нив е кога пациентот, по направена радиолошка снимка, излегува од болница со ЦД во рака и станува курир на сопствената дијагноза. Тоа ЦД треба да стигне до матичен лекар или специјалист. Потоа може од технички причини да не се чита, но и понекогаш да се изгуби. И во најлоши моменти, кога времето за одредена дијагноза е важен фактор и има пресудно значење за понатамошниот тек на лекувањето, треба радиолошка снимка да се прави повторно. Граѓанинот како корисник на здравствени услуги повторно доаѓа на почетокот од овој институционален круг. Во 2026 година овој модел не може да се нарече „старомоден“, бидејќи во суштина тој е неправеден.

Затоа како министер за здравство зборувам сè почесто за PACS (The Picture Archiving and Communication System – Систем за архивирање и комуникација на слики) како за инфраструктура што овозможува дигитално архивирање и безбедно споделување на радиолошки снимки. Овој систем во комбинација со RIS (Radiology Information System – Радиолошки информативен систем) овозможува целосен работен тек на радиологијата во здравството – од тоа што е сликано и кога, до тоа каде се наоѓа снимката, кој ја прегледал, кој подготвил извештај и како се движи случајот низ системот. Во пракса, ова значи едноставно правило дека снимката нема да патува со пациентот, туку таа ќе пристигнува до лекарот, односно таму каде што е потребно.






Концептот е веќе разработен до крај, патот е дефиниран – централен, национален PACS/RIS за јавните здравствени установи, со централна архива и резервна архива, со централна локација во Скопје и стандардизирано поврзување на јавните здравствени установи. Нема да има импровизација, ќе функционира на универзални медицински стандарди. Од почеток ќе се водиме и од vendor-neutral (VNA) принципи – податоците да бидат преносливи, во стандардни формати и со јасни излезни механизми – за системот да остане јавна инфраструктура, а не зависност од една технологија или еден добавувач. За размена и преглед на радиолошки слики системот ќе поддржува DICOM и DICOMweb, а за сигурно меѓуинституционално споделување ќе се потпира на IHE профили. Поставувајќи системско ниво на избегнување на поединечни „затворени“ решенија, ќе ја постигне и потребната институционална интероперабилност. Од техничка перспектива ова е исто како кога државата гради патна мрежа, односно таа не се гради за една улица, туку се гради за мрежно дистрибуиран проток на сообраќај кој треба да биде сигурен, предвидлив и одржлив.

Кога зборуваме за дигитализација, постои правило кое треба да се почитува, а кое гласи дека ако системите не се поврзуваат преку стандарди и не „разговараат“ меѓусебно, добиваме дигитален хаос. Затоа PACS мора да биде дел од поширокиот еко-систем на е-здравство, а не изолиран остров. Интеграцијата со националниот е-здравствен екосистем ќе оди преку HL7 FHIR, за системите навистина да „разговараат“ преку стандарди – од упат и наод, до безбедно и структурирано споделување на клиничките информации. Тоа е предуслов за да имаме ефикасен проток на пациенти, помалку повторени постапки и подобро планирање. И да, тоа значи дека ќе воспоставиме институционална дисциплина со прецизно дефинирани правила за пристап, водени од zero-trust принципи: пристап по улоги, задолжителна повеќефакторска автентикација (MFA), сегментација и целосна аудит-трага за секој пристап и промена, како и безбедност, резервни копии, договорени рокови за одржување и реакција.

Најголемата придобивка за граѓаните од овој систем е што времето се враќа таму каде што треба да биде – во лекувањето, а не во носењето документи и снимки. Кога има централизирана архива, тогаш се намалуваат повторените снимања што денес се случуваат затоа што претходната снимка не е достапна, не може да се отвори или не може да се најде. Кога снимката е достапна веднаш, се скратува патот до дијагнозата. А кога дијагнозата е побрза, се намалува и ризикот да се „изгуби“ случајот меѓу институциите и шалтерите.

Замислете една критична ситуација исполнета со сомнеж за мозочен удар, тешка траума, акутна состојба што бара брза интерпретација на радиолошка снимка и координација на повеќе тимови. Во такви моменти секоја минута има здравствена тежина за пациентот. Ако снимката е на диск во рака на член од семејството, системот всушност се потпира на случајност. Ако снимката е архивирана во национален PACS, тогаш системот ќе се потпира на организација. Оваа разлика не е филозофска, таа е клиничка. И затоа велам дека PACS е дел од безбедноста на пациентот, а не од „компјутеризацијата“.

Втората голема придобивка за здравствениот систем е еднаквоста. Денес, квалитетот на услугата често зависи од тоа дали во твојот град има доволно радиолози, дали има смена, дали има специјалист за одредена област, дали има капацитет да се стигне навреме. Со телерадиологија (теледијагностика во радиологијата), со второ мислење и со дигитален пристап, можеме да направиме експертизата да се движи без пациентот да патува. Ова е особено важно за помалите средини, но и за растоварување на големите центри, каде што пациентите чекаат затоа што сè се концентрира на едно место, како што е случајот со Клиничкиот центар во Скопје.

Третата придобивка е управувањето. Национален PACS овозможува реални податоци, односно колку прегледи се прават, каде има тесни грла, кои апарати се преоптоварени, кои ресурси не се доволно искористени, како да се организираат смените, каде да се инвестира прво. Тоа се податоци што се генерираат за здравствени политики што се засноваат на факти, а не на претпоставки.

Четвртата придобивка е интегритетот, затоа што кога системот има дефиниран пристап по улоги, евиденција кој што гледал и кој што менувал, зачувување на оригиналните медицински податоци и контрола на процесот, тој создава трага што не може лесно да се манипулира. Во систем со апсорбира јавни пари, кој воедно е изложен на притисоци и многу човечки слабости, дигиталната трага претставува одбрана на јавниот интерес. А јавниот интерес во здравството е секогаш ист – пациентот да добие точна услуга на време, без непотребни процедури и без сомнежи.

Има и уште една димензија што ретко се споменува, а тоа се луѓето во системот. Радиолозите, техничарите, медицинските сестри, административниот персонал, не се потрошен ресурс. Ако сакаме да ги задржиме и да им ја олесниме работата, мора да им дадеме алатки што штедат време, па и нерви. Кога работниот процес е дигитално уреден, тогаш се намалуваат и телефонските повици со прашањето: „Каде е снимката?“, се намалуваат недоразбирањата и притисоците додека се извршуваат работните обврски. Преку овој пристап, можеме да зборуваме и за системско изразување на професионална почит.

Една од моите приоритетни цели е здравствениот систем да го доведеме до момент во кој пациентот нема да се прашува дали снимката „ќе се најде“, туку ќе знае дека системот ја чува, ја штити и ја носи таму каде што треба. Снимката не е сувенир на диск, таа е медицински доказ што треба да биде достапен тогаш кога е најпотребен. Ако сакаме фер здравство, мора да изградиме фер инфраструктура.

Поврзани содржини