ЕУ и најсреќните земји во светот

Скандинавските народи се редовно на самиот врв на рангирањата за среќа, бидејќи прифаќаат гледишта кои заговараат умереност и просечност. Среќата, во таа смисла, не постои во вакуум - таа е обликувана од општествените норми и индивидуалните очекувања од животот.

203

Неколку илјади фински граѓани деновиве стојат во долги редици во Хелсинки чекајќи да добијат хуманитарни пакети храна. Медиумите и годинава не пропуштија да пренесат такви слики од главниот град на најсреќната земја во светот.

Се случи и тоа дека Финска ја престигна Шпанија и сега е на врвот на листата со највисока стапка на невработеност во рамки на ЕУ, според Евростат. На трето место е соседна Шведска која веќе подолго време кубури со високи бројки на невработеност.






Бројките зборуваат сами за себе – финската економија е во тешка состојба. Државниот долг се приближува до 90 проценти од БДП-то. Податоците од Министерството за социјални работи и здравство покажуваат дека детската сиромаштија се зголемила за 3 проценти. Од 12 проценти во 2023 година на над 15 проценти во 2025 година.

Во период од три години во Шведска бројката на граѓани западнати во социјална и материјална сиромаштија е двојно зголемена и изнесува околу 700.000 луѓе. Над 17.100 деца и 5.200 домаќинства со финансиски тешкотии добија помош лани за време на божиќните и новогодишните празници. Порастот на бројката на социјално загрозени е видлив во споредба со претходната година, кога шведските хуманитарни организации обезбедиле поддршка за вкупно 14.600 луѓе, како за деца така и за возрасни.

Тоа се случува во во земји кои просечната прилагодена бруто плата на вработен со полно работно време значајно го надминува просекот во ЕУ, така што во Финска, според статистиката на Евростат, изнесува 4.033 евра, а во Шведска 3.718 евра. Просекот на ниво на целата ЕУ е 3.155 евра.

Имајќи ги предвид таквите показатели, но и низа други, многумина се почесто го поставуваат прашањето дали Финците се навистина најсреќен народ во светот, според истражувањата што секоја година ги прави „Медиа Галуп“. Значи, како што стојат нештата, кога истражувачите бараат среќа, тие обично ја наоѓаат во Финска. Осум години по ред, Финците се на врвот на индексот на среќа на ОН. Но, што всушност се мери, кога ја мериме среќата? И колку се сигурни методите што се применуваат за таква цел?

Во последно време таквите резултатите на спроведените истражувања се доведуваат во прашање, и во академската заедница и во медиумите. Проблемот што се посочува кога станува збор за мерењето на среќата е што таа е минлива категорија. Тешко е да се дефинира, или, подобро речено, дефиницијата тешко може да се заокружи без кругот да стане аморфен. Прашањето ги окупира филозофите со милениуми, почнувајќи уште од Конфучие и Аристотел, кому му се припишуваат зборовите дека „среќата им припаѓа на оние што се задоволни сами од себе“.

Но дали е во прашање нешто што претставува мерливо задоволство? Отсуство на болка? Чувство на цел, надеж, припадност? Дали е тоа состојба на умот? Науката се обидувала да ја дефинира среќата и притоа често се присутни определби за два различни вида: афективна среќа – на пример, непосредниот наплив на чувство на задоволство на некој убав пикник, или можеби кога ќе се застане на подиум за танцување – и евалуативна среќа, повеќе како задоволство или сатисфакција, каде што се земаат предвид посуштински работи како здравје, приходи, безбедност.

Можеби затоа скандинавските народи се редовно на самиот врв на рангирањата за среќа, бидејќи прифаќаат гледишта кои заговараат умереност и просечност. Среќата, во таа смисла, не постои во вакуум – таа е обликувана од општествените норми и индивидуалните очекувања од животот. Пред неколку години Пакистан, на пример, беше рангиран повисоко од Јапонија на листата, и покрај тоа што Јапонците имаат објективно повисок животен стандард. Но, Јапонија исто така има високи барања и строга работна култура, додека меѓу Пакистанците веројатно се присутни пониски глобални надежи и очекувања.

Како алтернатива на анкетирањето на луѓето кои сами ја вреднуваат среќата, понекогаш се предлага да се погледа БДП на земјите по глава на жител за да се добие пофер проценка. Побогатите земји би требало да се поврзат со поголемо задоволство од животот, бидејќи основните потреби на нивното население почесто се задоволуваат.

Но, сепак, тоа е комплицирана пајакова мрежа во која нештата лесно се заплеткуваат, од причина дека е тешко да се добијат недвосмислени мерки за редот на нештата. Земјите можат да имаат висок БДП, и во вкупен обем и по глава на жител, но едновремено нееднаквоста е висока и многумина жители се чувствуваат занемарени. Повеќе произведени добра не значи дека се распределени подеднакво, се истакнува обично во анлизите, доколку само мала елита ужива во поголемиот дел од ресурсите. Токму затоа, БДП-то малку кажува за среќата на обичниот човек.

Финската влада брзо ги искористи резултатите од глобалното рангирање на најсреќни народи со создавање индустрија за „туризам на среќа“, каде што туристичките пакети вклучуваат сè во земјата што наводно е причина за првото место на ранг-листата: непрегледно богатство од шуми, езера, свеж воздух. И прочуените сауни.

Но, спред едно истражување за реакциите на финските медиуми, се покажува дека многумина Финци сето тоа на шего го нарекуваат како „спортска победа“, или, пак, го доведуваат во прашање извештајот, посочувајќи ја потемната страна на земјата, означена со депресија, алкохолизам, осаменост и песимизам.

Како и да било, со оглед на тоа дека рангирањето на среќни луѓе редовно ги издвојува нордиските социјални држави како модели на однесување, политичарите во овие земји со големо задоволство ги истакнуваат таквите резултати, додека медиумите ја користат секоја поволна шанса за да ги фалат „среќните нордијци“.

Извесна иронија секако би можела да се поврзе во фактот дека економијата на Финска веќе подолго време стагнира, додека поранешните кризни земји Грција, Португалија и Шпанија покажуваат пристојни бројки на економски раст. Ова јасно покажува оти не може да се исклучи дека ситуацијата несомнено може да се промени со текот на времето, иако веројатно би било наивно во овој контекст лесно да се посочи старата изрека – тркалото на среќата се врти.

Што се однесува до Балканот, во извештајот на ОН за светската среќа единствено Словенија го наоѓа местото (19) меѓу првите дваесет земји од вкупно опфатени 147. Пријатно изненадување, но веројатно и малку зачудувачки, е дека само нешто подолу се Косово (29) и Србија (31). Сите други се рангирани мошне пониско на табелата. Босна (56), Црна Гора (71), Хрватска (72), Грција (81). Уште подолу се Бугарија (85) и Македонија (86), која, меѓу балканските земји, е повисоко пласирана само од Албанија (89).

Заклучокот, кој ќе остане да види во воздух, е дека не може недвосмислено да се докаже дека Финците се најсреќните луѓе на светот. Но нивното страдање е веројатно најврамнотежено. И можеби, според некои аспекти, изедначено.

Кога се во прашање Македонците, негаторските ставови, недовербата во институциите и непочитувањето на сето она што би требало да функционира како заеднички норми на однесување, функционира како „исцелителна“ душевна храна. Тури му пепел на се’. И „овие“, како и сите „оние“ други претходно, ништо не направија. Се урнисаа, би рекле многумина. Само што вкоренетиот песимизам, пренесуван во генерациско наследство, го поматува погледот кон самиот себе, и постојано демне во некоја сенка за да спречи среќата да покаже дека таа може да има не само едно, туку повеќе лица.

Поврзани содржини