ДАЛИ ЕРАТА НА ТАЖНАТА ПРИНЦЕЗА ЗАВРШИ? Новиот имиџ на миленичката на Монако ги воодушеви нејзините обожаватели

Солзите на сопствената свадба го означија нејзиниот почеток во Монако, но принцезата Шарлин сега пишува сосема нова, посилна и посамоуверена приказна.

248

Долго време носеше прекар кој никогаш целосно не ѝ припаѓаше. „Тажната принцеза“ – етикета што светот ја залепи на името Шарлин од Монако откако камерите ги снимија солзите на денот на нејзината свадба со принцот Алберт II.

Тој момент го дефинираше долгогодишното јавно мислење за жената која пристигна во Монако како врвна спортистка и влезе во една од најстрогите европски кнежевски куќи.






Но, денес, повеќе од 14 години подоцна, принцезата Шарлин е – некој сосема поинаков.

Тивка, резервирана и често погрешно разбрана, Шарлин постепено, но решително го изгради својот идентитет. Не само како сопруга и мајка, туку и како принцеза со јасни ставови, интереси и – глас.

Промената е суптилна, но непогрешлива. И пред сè: видлива.
Најизразениот пресврт се случува токму таму каде што кралските пораки честопати зборуваат најгласно – во модата.

Нејзиниот стил денес зрачи со самодоверба, современа елеганција и намерно отстапување од ригидните правила на дворот.

Принцезата Шарлин сè повеќе избира смели, но рафинирани силуети, чисти линии и луксузни материјали кои ја нагласуваат нејзината нова, самоуверена енергија. Веќе нема криење зад неутрални избори – секоја облека делува како јасна порака: Јас сум тука и знам кој сум.
Неодамна привлече особено внимание на гламурозниот настан Monaco Under the Stars, каде што блесна во луксузен капут направен од мек велур во топла нијанса на камила. Станува збор за дизајнерско парче од модната куќа Nour Hammour, кое веќе се смета за иден класик во нејзината гардероба.

Таа го заокружи целиот изглед беспрекорно: кафеава чанта Prada и високи чизми Miu Miu во боја на коњак покажаа дека Шарлин сега совршено ги балансира луксузот, трендот и личниот потпис.

Покрај модниот пресврт, видливо е и дека принцезата повторно има долга руса коса, откако со години носеше кратка фризура.

Дека промените не се само естетски, потврдува и почитуваната кралска авторка Арлин Принслу, која во ексклузивно интервју за британскиот Hello! нагласи дека Шарлин конечно ги напишала своите правила за кралско однесување.

– Ми се чини дека принцезата Шарлин од Монако конечно го воспоставила својот протокол за кралско однесување – нагласи Принсло.

Ова, вели таа, беше особено очигледно за време на прославата на Националниот ден во ноември 2025 година.

– Таа изгледа неверојатно кралски – всушност, дури и повеќе отколку што некогаш изгледала принцезата Грејс.
Според Принсло, влегуваме во нова ера во која принцезата Шарлин ќе ги почитува традициите на кнежевската куќа, но во исто време ќе ги усовршува и ќе ги направи автентично свои.

Оваа софистицирана промена не се случила преку ноќ. Таа е резултат на долг личен процес, адаптација, внатрешна сила и – храброст. Шарлин остави зад себе години молчење, гласини и шпекулации.

– Со оваа самодоверба, таа започнува ново поглавје во својот живот. Ги остава зад себе сите гласини за бракот и наводната желба да живее во Швајцарија – сите неосновани. Сега започнува ново поглавје, и таа останува тука – заклучува Принсло.

Пред да стане сопруга на владетелот на една од најбогатите земји во светот, Шарлин Витсток беше одлична пливачка родена во денешно Зимбабве, но својата спортска кариера ја направи со Јужна Африка, за која се натпреваруваше на Олимписките игри.

Се повлече од пливањето во 2007 година, една година пред да биде првпат видена со Алберт.
Тие се венчаа во 2011 година, а медиумите сè уште ја споменуваат приказната за тоа како таа речиси се откажала ноќта пред свадбата поради можната афера на Алберт.

Свадбата, на која Шарлин беше фотографирана во солзи, сепак се одржа, а во декември 2014 година двојката доби две деца – Габриела и Жак, кои еден ден ќе го наследат својот татко на тронот.

Поврзани содржини