ПРОТЕСТ ГО МЕНУВА СООБРАЌАЈОТ ВО СКОПЈЕ Еве кои улици ќе бидат затворени
Протестен марш утре напладне ќе донесе привремени затворања и пренасочување на сообраќајот во центарот на Скопје.
Скопје утре ќе биде под посебен сообраќаен режим поради протестен марш под мотото „Стоп за Цементара“, кој ќе се одржи во централното градско подрачје.
Маршот ќе започне во 12 часот, а учесниците ќе се соберат пред Владата на Република Северна Македонија, на булеварот Илинден. Оттаму колоната ќе продолжи по булеварот ВМРО, па по улиците Васил Главинов, Димитрие Чуповски и 11-ти Октомври, до просторот пред Собранието. Маршот ќе заврши пред Министерството за животна средина, по улицата Филип Втори Македонски.
Поради движењето на протестната колона, полицијата ќе воведе привремен режим на сообраќај во делови од центарот на градот. Ќе има пренасочување на возилата и повремени прекини на сообраќајот по улиците низ кои ќе поминува маршот.
Од полицијата апелираат граѓаните да бидат трпеливи, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и, доколку е можно, да користат алтернативни сообраќајни правци за да избегнат застој и гужви.