Камионџиите како школски пример за политичарите
Ова беше школски пример како заедништвото во мака ти ја јакне позицијата и пред високиот бирократски бедем на ЕУ. Како ти го јакне гласот и ти се мултиплицира аргументацијата, па ги поплавува темелите на бедемот и оние одозгора мора да погледнат надолу, да ги видат проблемите на „третите земји“ и да одлучат да направат компромис. Треба да се практикува и за други заеднички прашања за сите нас пред портите на ЕУ.
Камионџиите од цел регион настапија ЗДРУЖЕНО и изнудија решение од европската бирократија. Како еснаф прво ги натераа своите балкански влади, инаку закарани по илјада прашања, да застанат зад нив и СИТЕ ЗАЕДНО да се побунат против дискриминирачките правила што го ништеа бизнисот и пазарот. Зошто нашите политичари од Македонија не можат да настапат здружено за теми од животна важност за македонските граѓани?
Ова беше школски пример како заедништвото во мака ти ја јакне позицијата и пред високиот бирократски бедем на ЕУ. Како ти го јакне гласот и ти се мултиплицира аргументацијата, па ги поплавува темелите на бедемот и оние одозгора мора да погледнат надолу, да ги видат проблемите на „третите земји“ и да одлучат да направат компромис. Треба да се практикува и за други заеднички прашања за сите нас пред портите на ЕУ. Но, истовремено, МОЖЕ и МОРА да се примени и за само македонските државни интереси, кога се работи за нас. Што е пологично и поприродно од ова!?
Успехот на камионџиите е убава вест што не израдува, но не е доволна да ја надгласа меѓупартиската бучава од кавги во Собрание, на пресови, дебати, на секој канал, поткаст и социјална мрежа. Вознемирува секојдневното бомбардирање, оцрнување и надплукување која влада или градоначалник повеќе НЕ направил, згрешил, украл, злоупотребил. Докажано или не, од сите страни претекува од говор на омраза со по некоја клевета, се провоцираат судски спорови, се зајадува. Одамна веќе не се избираат зборови, тон, нема навреда што не е употребена за да омаловажи и повреди некој човек или негово семејство. Пизма се разлева по Македонија и ги прави луѓето несреќни, а земјата, нашата прекрасна земја, ја прави непожелна, па некои бегаат, продолжувајќи ги кавгите преку социјалните мрежи, отаде граници. Ужасно тажно.
Во основа, најголем дел од граѓаните сакаат нормалност. Економска сигурност, спокоен, безбеден, квалитетен живот. Добро образование и наука, здравство, социјална заштита, култура. Здрав воздух, води и почва, здрава храна, уредени рекреативни и туристички места, љубезни и културни луѓе. Можности за кариерен развој според способностите, мериторност, правичност и правда во институциите. Тоа се елементите според кои се мери чуството на среќа меѓу државите. Кај што најгоре избива една Финска, убава и ладна северна земја, која до пред десетина години беше лидер по број на самоубиства поради климатските непогодности и недостигот на сончеви денови. Зарем Македонија со своите сончевини, планински реки и врвови, раскошни културни слоеви, ги нема сите услови за земја на среќата?
Тонот во една држава го дава политиката и сите актери во неа. За кавги се потребни најмалку две групи од секоја страна на плотот. А Македонија има природно покомплексна структура, па има групи и групички, со различни интереси, темпераменти и суети. На последните парламентарни победи опозиционата ВМРО-ДПМНЕ со огромно и неоспорно мнозинство, што не беше изненадување. Изненадија потоа како влада, дојдоа подготвени со готови програми и финансиски аранжмани.
Но изненади и опозицијата. Наместо да земе здив, да се консолидира, зашто и треба на државата, па да се бори за типични социјалдемократски теми кои секогаш и недостигаат на една центар-десна влада, да го подига својот рејтинг со конструктивни предлози, опозицијата тргна во фронтален напад на сѐ, неселективно! Со негирања на очигледни добри потези и проекти, оставајќи ги вчудоневидени дури и дел од своите членови и поддржувачи. И така до денес, 1,5 година по изборите, негирајќи се по ред: инфраструктурни проекти за рамномерен развој на општините, повеќе од потребен; проекти за поддршка на бизнисите, кои се темел на економијата и задржување на луѓето дома; интензивната градба на недовршени стратешки автопати и регионални патишта на коридорите 8 и 10; успешната политичка и стручно-техничка битка за НОВ ДОГОВОР со Бугарија и ЕУ за граничниот тунел на коридорот 8; обнова на железничкиот сообраќај низ цела земја, скопски воз, брза железница (читам неверојатни анализи дека не се исплаќало, не ни требала!?)… Нафрлив само некои најголеми и неспорни проекти што напредуваат пред наши очи, а се мета на просто гротескни напади и критики.
Последниве недели, пак, врие на социјалните мрежи од напади на два, за мене, есенцијално важни закона што треба да спасуваат животи: законите за сејф-сити и за забрана на пушење во затворен простор. Не разбирам како може да се негира ПОТРЕБАТА и ПОЛЕЗНОСТА од добро функционирање на вакви живото-спасувачки закони!? Па да се организираат цели кампањи против типично европски закони, одамна применувани и со докажани резултати!? А ваму, се бориме за ЕУ, за стандарди, безбедност и квалитет на живот…
Посебно болно прашање е македонскиот од по маките – нашата толку посакувана, со толку бесмислени жртви и отстапки платена евроинтеграција. Зошто опозицијата ОДБИВА да и помогне на својата држава во оваа праведна борба? И на лаик веќе му е јасно дека бугарските барања вградени во Вториот протокол се самоубиствени за македонскиот народ, јазик, држава, за сите граѓани? Тие се скроени така, што интеграциската рамка ја направија ЈАМКА низ која не можеме да се провреме! Затоа е нужно отфрлање на овој антиуставен квазидокумент, на кој се повикува официјалната европска рамка. И неопходен е ЗАЕДНИЧКИ настап пред ЕУ, за да успееме.
Ниедна влада не е совршена, не е ни оваа. Многу се труди, голем број функционери работат посветено, но со различен капацитет и успех. Најголемите забелешки ми се со животната средина. Не ја издвои како сериозен приоритет и не вложи доволно средства за енергично и брзо намалување на загадувањето на воздухот, кој не труе сите, без пардон и без исклучок! Мерките се знаат, не се атомска физика, ги повторуваме како екологисти со години. Тргни од загадувачите и спречи ги да загадуваат. Забрана за одредени најтоксични горива и за дома и за индустрија, со поддршка на енергетската сиромаштија и индустриското прилагодување; за големи, средни и мали индустриски капацитети, сериозни техничко-технолошки ревизии на еколошките дозволи, ги има со стари надминати правила, некои со лажни податоци, некои во несоодветна категорија; проверка на спроведувањето на оперативните планови, посебно на РОКОВИТЕ за исполнување, сето тоа скрати го, нека забрзаат; забрана за прастари возила по улиците и помош за транзиција на професионалните превозници; редуцирање на истовремена градежна експанзија на мал простор поради енормни количества прашина; ОТПАДИТЕ конечно да се решат, со селекција, реупотреба, рециклирање, нови бизниси. Паралелно исчисти го историското загадување на 16-те жешки еколошки точки од стари рудници и тешка индустрја во Велес, Лојане, Пробиштип, Хром и др.; само ОХИС се чисти континуирано, ама во многу мал обем. Има фондови за чистење, може да се искористат, со строга еколошка контрола, итн. итн.
Но, со сите маани и пропусти, длабоко сум уверена дека на Македонија и треба стабилна влада еден пристоен период, без предвремени избори, за да заврши сериозни процеси и проекти, а ние сите од страна, како граѓани, ќе набљудуваме, ќе критикуваме, ќе советуваме… сакајќи си ја земјата. И сакајќи се меѓусебно, или ако е ова преидеалистички, барем почитувајќи се како луѓе и сограѓани.
Убав ден Ви посакувам!