МНОГУ Е ОПАСНО ЛОНДОН ДА ТРГУВА СО ПЕКИНГ, РЕАГИРА ТРАМП Уште поопасно е Канада да го прави тоа!
Па, многу е опасно за нив да го прават тоа, а мислам дека е уште поопасно за Канада да влегува во бизнис со Кина. Не може да се гледа на Кина како на одговор (за проблемите), изјави шефот на САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека соработката со Кина може да биде опасна за Обединетото Кралство.
Реакцијата дојде додека британскиот премиер Кир Стармер ја завршува посетата на Пекинг и јавно турка кон зајакнување на економските врски со Кина.
Стармер се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, залагајќи се за „пософистициран“ однос меѓу двете земји. На новинарско прашање за британско-кинеската економска соработка, Трамп реагираше остро.
– Па, многу е опасно за нив да го прават тоа, а мислам дека е уште поопасно за Канада да влегува во бизнис со Кина. Не може да се гледа на Кина како на одговор – додаде тој.
Трамп ја спомена и Канада, откако канадскиот премиер Марк Карни во јануари ја посети Кина. Двете земји тогаш разговараа за поблиски економски врски и намалување на царините за дел од стоките. Американскиот претседател подоцна и се закани на Отава со царина од 100 проценти доколку влезе во договор за слободна трговија со Пекинг.
Во меѓувреме, Стармер во Кина продолжува со средби со бизнисмени. Тој ги истакна финансиските придобивки од подобрените односи со Кина, која е клучен дел од глобалните синџири на снабдување. Пред Бизнис советот Велика Британија-Кина беше најавена и голема инвестиција на АстраЗенека од 100 милијарди јуани до 2030 година.
Посетата на Стармер е прва посета на британски премиер на Кина од 2018 година. Даунинг стрит ја остави отворена и можноста за идна посета на Си на Велика Британија.