📽️ ВИДЕОТО СО ЗАПАЛЕНОТО МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ ГО ОБЈАВИЛ ТЕТОВСКИ МАЛОЛЕТНИК Полицијата го расчисти настанот во кој учествувале уште три деца
Полицијата го идентификувала авторот еден ден откако видеото било детектирано при мониторинг на социјалните мрежи, а во случајот се посочени уште три малолетни лица.
Полицијата го расчисти случајот со видеото на ТикТок на кое се гледа палење на македонското знаме. Утврдено е дека авторот на профилот е малолетник под 14-годишна возраст од Тетово.
Случајот го расчистиле Секторот за внатрешни работи Тетово – Одделението за компјутерски криминал, во координација со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
Видеото било откриено на 22 септември, при мониторинг на социјалните мрежи. Од МВР велат дека со содржината било сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, предвидено и казниво според член 319 став 1 од Кривичниот законик.
По преземените оперативни мерки, на 23 септември бил утврден идентитетот на авторот на профилот.
Со малолетникот бил извршен службен разговор во полициските простории, во присуство на негов родител и претставници од Центарот за социјална работа Тетово. Според МВР, малолетникот го признал делото.
Со согласност на родителот, за потребите на постапката и фотодокументирањето на доказите, полицијата го обезбедила мобилниот телефон од кој било поставено видеото.
Во текот на разговорот, малолетникот посочил уште три малолетни лица кои, според неговите наводи, учествувале во настанот. Од полицијата најавуваат дека тие дополнително ќе бидат повикани во полициска станица за целосно расчистување на случајот.
По целосното документирање на предметот, МВР најавува дека до надлежното Основно јавно обвинителство Тетово ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Бидејќи станува збор за лице помладо од 14 години, натамошното постапување се спроведува согласно законските правила што се однесуваат на малолетни лица.