ХРВАТСКА СТАВА СОЛ ВО ЕВРОПСКИОТ ШЕРБЕТ НА ЦРНА ГОРА Милатовиќ пред ОН порача дека земјата до 2028 година ќе влезе во ЕУ
Иднината на целиот Балкан е во Европската Унија , рече црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ пред светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации.
Оваа генерација има одговорност до 2028 година да го заврши европскиот пат на Црна Гора, да покаже дека Балканот може да ги остави старите поделби зад себе и на идните генерации да им остави повеќе можности отколку што ги имала самата, рече црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ пред светските лидери на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Милатовиќ истакна дека Црна Гора останува посветена на ефикасниот мултилатерализам, регионалната соработка, европската интеграција и на меѓународното право.
Полноправна членка во 2028 година
Тој потсети дека Црна Гора годинава одбележува две децении членство во Обединетите нации како суверена држава.
– За Црна Гора Европската унија не е само одредиште, туку пат проткаен со вредности на кои државата е силно посветена – рече Милатовиќ.
Тој истакна дека Црна Гора е горда што денес го предводи процесот на европска интеграција на регионот и оти е подготвена да послужи како пример за другите држави кандидати.
– Нашата цел е јасна: до 2028 година гордо да гледаме како знамето на Црна Гора се вее меѓу знамињата на земјите членки на Европската Унија – порача црногорскиот претседател.
Милатовиќ потсети дека европската перспектива на Западен Балкан беше потврдена уште на Самитот во Солун во 2003 година, во време кога мултилатерализмот беше во подем, а Европската Унија ги отвораше вратите за нови членки, додека Балканот штотуку излегуваше од сенката на војните и поделбите од 1990-тите.
Проширувањето е потреба во неизвесен свет
Денес, оцени тој, меѓународното опкружување е значително поинакво, а меѓународниот поредок влегува во нова и неизвесна фаза. Во такви околности, проширувањето на ЕУ претставува стратешка визија и една од најважните инвестиции на Европа во мирот, безбедноста и долгорочната стабилност.
– Иднината на целиот Балкан е во Европската Унија – порача Милатовиќ.
Во своето обраќање, тој посочи дека во време на војни, геополитички ривалства, климатски промени и забрзан технолошки развој, меѓународната заедница мора да ја обнови довербата во мултилатерализмот, меѓународното право и во институциите што треба да ги штитат мирот, безбедноста и човечкото достоинство.
Повторно билатерализација во ЕУ
Оптимизмот на Милатовиќ деновиве е засенет од потегот на 5 земји, Холандија, Хрватска, Естонија, Литванија и Латвија, кои побараа пауза во процесот на преговори со Црна Гора со образложение дека е потребно дополнително да се провери исполнувањето на поставените стандарди.
Но, освен стандардите, особени во владеењето на правото и правосудството, за што е загрижена холандија, на Црна Гора потешки задачи за исполнување ѝ дава соседната Хрватска. Доколку наскоро не се постигне договор за прашањата за воени злосторства, поморските граници и имотните права, целиот процес на пристапување би можел да запре.
Во вторникот Брисел мораше да ја одложи планираната Меѓувладина конференција со Подгорица. Црна Гора се смета за кандидат кој постигна најголем напредок во преговорите, но Хрватска го повтори своето противење на затворањето на неколку поглавја од преговорите поради билатерални прашања.
Црна Гора досега затвори 18 поглавја и планираше да ги заврши преговорите за преостанатите 15 до крајот на месецот. После тоа, земјите-членки мора да дадат конечно одобрение за нивно затворање. Сепак, долгогодишните спорови со Хрватска го загрозуваат тој план. Според дипломатите целта на Црна Гора до крајот на годината е остварлива, но притисокот врз земјата се зголемува.
Хрватска не попушта
Загреб ја условува својата согласност со исплата на отштета на преживеаните од логорот Морињ и соработка во потрагата по 14 лица кои сè уште се водат како исчезнати од Татковинската војна. Хрватска, исто така, бара гонење на воените злосторства и решавање на имотните барања на хрватските семејства во Црна Гора.
Хрватска, исто така, има барања во врска со кампот Морињ, околу морската граница, како и за враќањето на тренинг-бродот „Јадран“.
Билатералните разговори на министерско ниво се во тек но сè уште не е постигнато решение. Како резултат на тоа, Хрватска на технички состанок во вторникот ја потврди својата блокада на затворањето на Поглавјето 14 за транспортна политика. Загреб, исто така, во моментов ги блокира и поглавјата за надворешна и безбедносна политика, судство и фундаментални права, како и правда, слобода и безбедност.
Нова билатерална средба треба да се одржи во Загреб на почетокот на октомври. Доколку на состанокот се постигне доволен напредок, се очекува дека неколку поглавја би можеле да бидат затворени на меѓувладина конференција на 12 или 13 октомври.
И Шпанија има нешто да каже
По меѓувладината конференција во јули, комесарката за проширување Марта Кос изјави дека Црна Гора би можела да се приклучи на ЕУ до 2028 година, дури и ако не ги затвори сите поглавја од преговорите оваа година. Во тој случај успехот на Подгорица би зависел од брзата ратификација на договорот за пристапување. Овој процес би можел да биде забавен од претстојните избори во клучните земји-членки како што се Франција и Шпанија, каде што политичките сили кои се скептични кон проширувањето на Унијата добиваат на сила.
Освен ова, Црна Гора може да наиде на неочекувана политичка пречка и од Шпанија, која инсистира каталонскиот, баскискиот и галицискиот да добијат официјален статус во Унијата пред следното проширување, а Мадрид веќе го поврза решавањето на ова прашање со приемот на идните членки.