НЕОПРАВДАНО СЕ ОДЛОЖУВАЛО ИЗДРЖУВАЊЕТО НА ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА МИФТАРИ ЗА НЕСРЕЌАТА НА „ДУРМО ТУРС“ Судскиот совет ќе тврдува дали судиите и лекарите ќе сносат одговорност

Судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти во врска со одложувањето на затворската казна за Ремзи Мифрати од Госттивар и треба да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии, одлучи денеска Судскиот совет.

491

Судскиот совет на денешната седница го усвои извештајот на работната група од извршениот надзор на работата на Основниот суд Гостивар за постапувањето по предметот за осудениот Ремзи Мифтари од Гостивар, во кој имаше повеќекратни незаконски одлагања на извршување на десетгодишната казна затвор за автобуската несреќа на „Дурмо турс“.

Судскиот совет со 9 гласа „за“ и 2 против на членовите Исамедин Лимани и Ханиф Зендели го усвои извештајот во кој комисијата на Советот констатира дека судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти по предметот и предлага да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.






Советот исто така изгласа заклучок извештајот на комисијата да биде доставен до МВР поради затајување на курирската служба на ПС Гостивар, како и да се извести во поглед на постапувањето на лекарите.

Судијката Џенета Бектовиќ, која заедно со судиите Аритон Ала и Данка Ристова, изврши увид во предметот на ОС Гостивар, информира дека комисијата утврдила оти од страна на судијата за извршување на санкции, Тихо Михајловски, е издаден упатен акт на 14 мај 2025 година за извршување казна затвор на осудениот Ремзи Мифтари во КПУ „Идризово – Затвор Скопје“, во траење од 10 години за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по пресудата на Апелацискиот суд Скопје од 17 април 2025 година.

– Комисијата смета дека се направени пропусти како од страна на судијата за извршување санкции, така и од страна на членовите на Кривичниот совет, и тоа конкретно по однос на постапувањето на судијата за изврување санкции. Тој, откако го примил известувањето од КПУ „Идризово“ на 11 јуни 2025 година, издал наредба за присилно спроведување на 19 јуни 2025. Законскиот рок е 24 часа од приемот на известувањето, а судијата ја издава наредбата по 8 дена. Тука е пречекорен законскиот рок. Исто така, наредбата ПС Гостивар ја прима на 24 јуни 2025 година. Судијата за извршување санкции имал обврска веднаш по примањето на известувањето од затворот да издаде наредба за присилно спроведување и истиот ден по електронски пат да ја извести полоцијата во Гостивар. Тука исто така се пробиени роковите и од доставната служба ако имало пропусти, но и од судијата за извршување санцкии за вакви предмети – изјави Бектовиќ.

Поради ова, комисијата, како што посочи Бектовиќ, смета дека и судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет направиле пропусти и треба да биде поднесено барање за утврдување одговорност за овие судии.

Комисијата, како што појасни Бектовиќ во реферирањето по предметот, констатирала дека во овој процес на одлагање на почетокот на извршување на казната затвор, кој предолго траел, проблематични се поднесната молба од страна на осудениот за одлагање на казната затвор од 23 мај 2025 година, што судијата за извршување санкции ја одбил и Кривичниот совет на ја потврдил, но издадената наредба за присилно спроведување од 19 јуни 2025 година од судијата за извршување санкции не е навремено доставена до ПС Гостивар, односно е доставена по 5 дена од нејзиното изготвување, а нема доказ зошто тоа се случило. Сметаат дека затаила доставната служба во ОС Гостувар, а за таков итен предмет наредбата за спровод требало да биде доставена до ПС Гостивар и по електронска пошта.

– Сметам дека тука и судијата за извршување санкции направил пропусти што толерирал толку долг период да не реагира, да провери зошто наредбата за спроведување не стигнала навреме до СВР Гостивар. Мислам дека тоа е и негов пропуст – изјави Бектовиќ.

Комисијата исто така смета дека во однос на одбиената трета молба за одлагање од судијата за извршување санкции по поднесена жалба од осудениот, Кривичниот совет го преиначил решението и го одложил почетокот на извршување на санкцијата казна затвор за два месеца.

– Комисијата констатира дека нема доказ, отпусно писмо дека Ремзи Мифтари од 1 август 2025 до 1 октомври 2025 година воопшто бил на болничко лекување. Кривичниот совет го донел решението за одлагање на 1 август 2025 година и осудениот требало да се јави во КПУ „Идризово“ на 1 октомври 2025 година, но видно од отпусните писма, осудениот бил на лекување од 25 јуни до 15 јули 2025 и од 3 до 7 октомври 2025 година и од 17 до 29 октомври 2025. Од ова произлегува дека осудениот не бил на болничко лекување во периодот од 15 јули 2025 до 2 октомври 2025, туку во овој период му се вршени само медицински испитувања. На овој начин дошло до неоправдано одложување на почетокот на извршување на казната затвор и осуетување на постапката со бегство на осудениот – изјави Бектовиќ.

Во согласност со Законот за извршување на санкциите, постапката за упатување на осудените лица на извршување казна затвор е итна и затворската установа е должна веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена, да го извести судијата доколку осуденото лице не се јави, а кој е должен најдоцна во рок од 24 часа од приемот на известувањето да издаде наредба до МВР за приведување на осуденото лице.

Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски, рече дека во овој извештај факт е дека има сомнеж за непостапување на оние што се платени и должни да постапуваат.

– Тука целта е постигната. Ние имаме и институции, и вработени, и закони, сите тие елементи го чинат системот, меѓутоа системот е недоволен да се справи со вакви ситуации. За да не биде тоа така, да дојдеме и ние до определена цел… Се согласувам дека овде има сомнеж за пропусти кај органите на прогонот, Секторот за професионални стандарди да изврши надзор врз основа на нашето укажување. И третиот предлог е надзор над лекарите. Ние имаме орган што врши надзор над лекарите. Да видиме дали лекарите навистина вметнуваат дијагноза што одговара на здравствената состојба на лицето или се работи за измислени дијагнози – изјави Николовски.

Случајот се најде во фокусот на јавноста откога Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, кој е осуден на 10 години затвор, го одлагаше издржувањето на затворската казна поради операција на кила на тестиси по што не се појави во „Идризово“ за издржување на казната и по него кон крајот на минатата година беше распишана потерница.

Во јануари 2023 година Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи обвинетите за виновни и изрече вкупно 39 години затворски казни. Во мај 2025 Апелацискиот суд Скопје им ги зголеми затворските казни. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, од 4 на 10 години затвор, одговорниот за транспорт, Ремзи Мифтари, од 6 на 10 години, а двајцата вработени во техничкиот преглед – Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски – од 5 на 7 години. Казната на возачот Маноил Трифуновски остана 14 години, а на третиот вработен во техничкиот преглед, Јане Боваровски, остана 5 години.

Во тешката автобуска несреќа на 13 февруари 2019 година во атарот на селото Ласкарци, загинаа 16 лица.

Поврзани содржини