НЕ Е ВРЗАН ЗА КРЕВЕТ, НО НЕ МОЖЕ ДА ОДИ Што навистина се случува со Михаел Шумахер

И по повеќе од една деценија од трагичната несреќа, состојбата на седумкратниот светски шампион останува внимателно чувана тајна.

719

Поминаа повеќе од 12 години откако Михаел Шумахер исчезна од очите на јавноста, оставајќи зад себе легенда каква што Формула 1 ретко памети. Несреќата на скијање во француските Алпи на 29 декември 2013 година засекогаш го промени животот на седумкратниот светски шампион, но и на милионите фанови ширум светот кои и денес со надеж ги следат ретките информации за неговата состојба.

По долг период на молк и шпекулации, британските медиуми објавија нови детали кои, иако потсетуваат колку ситуацијата е сериозна, сепак носат и доза на охрабрување. Според тие информации, Шумахер повеќе не е постојано врзан за кревет и дел од денот го поминува во инвалидска количка, движен низ вилата со помош на медицински персонал.






Легендарниот Германец моментално престојува во луксузниот имот „Лас Бризас“ на Мајорка, вреден над 30 милиони евра, каде што има 24-часовна медицинска нега. За него се грижи тим од медицински сестри и терапевти, а секојдневната рутина е строго контролирана и прилагодена на неговата состојба.

И покрај малиот напредок, Шумахер и понатаму не може самостојно да оди. Изворите блиски до семејството наведуваат дека тој разбира дел од случувањата околу себе, но неговата способност за комуникација е ограничена.

Семејството, предводено од сопругата Корина, и натаму води бескомпромисна битка за приватност. Во домот имаат пристап само најблиските членови на семејството и мал круг доверливи пријатели, додека јавни изјави за здравствената состојба речиси и да нема.

По несреќата, Шумахер претрпе тешки повреди на главата и беше ставен во индуцирана кома. По првичниот болнички третман, лекувањето продолжи во домашни услови, далеку од медиумите, што дополнително ги подгреваше шпекулациите во јавноста.

Иако со години се појавуваа гласини дека може да комуницира исклучиво со трепкање, извори блиски до семејството тврдат дека реалноста е покомплексна.

– Тој е свесен за дел од случувањата околу него, но не може целосно да ги следи сите разговори и настани – наведува еден извор.

За светот, Михаел Шумахер останува симбол на непобедливост, брзина и дисциплина. За неговото семејство, тој е секојдневна борба, тивка надеж и доказ дека најтешките трки не се секогаш на патеката.

Поврзани содржини