ЗИМСКА АПОКАЛИПСА ВО САД Седум загинати, милиони без струја, студот ја парализира Америка

Екстремниот студ предизвикан од поларниот вртеж остави жртви, прекини на струја и сериозен хаос низ повеќе американски сојузни држави.

170

Моќна зимска бура што ги зафати Соединетите Американски Држави однесе најмалку седум човечки животи, додека стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија, а сообраќајот и авиосообраќајот се речиси парализирани.

Поради екстремните временски услови затворени се училишта и патишта, а илјадници летови се откажани на потегот од Тексас до Нова Англија.






Според досегашните информации, најмалку две лица починале од хипотермија во Лујзијана, додека по две жртви се пријавени во Тексас, Тенеси и Канзас. Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, пред два дена соопшти дека во градот починале пет лица поврзано со екстремните временски услови.

До вчера попладне, повеќе од 800.000 домаќинства низ САД беа без електрична енергија, а откажани се над 11.000 летови, што предизвика хаос на аеродромите и сериозни проблеми за патниците.

Проценките покажуваат дека од бурата би можеле да бидат погодени околу 180 милиони Американци, што претставува повеќе од половина од вкупното население на земјата. Речиси половина од американските сојузни држави веќе прогласија вонредна состојба.

Обилните снежни врнежи, лапавицата и замрзнатиот дожд, опасен феномен при кој капките дожд веднаш се замрзнуваат при контакт со површините, би можеле да траат со денови.

– Снегот и мразот ќе се топат многу бавно и нема да исчезнат наскоро, што сериозно ќе ги отежне напорите за расчистување и закрепнување – изјави метеорологот Алисон Санторели од Националната метеоролошка служба на САД.

Иако температурите под нулата се вообичаени за северните држави како Северна Дакота и Минесота, ваков интензитет на студ е редок за јужните делови на земјата. Во Тексас, Лујзијана и Тенеси температурите паднаа за 15 до 20 степени под сезонскиот просек.

Метеоролозите објаснуваат дека бурата е последица на поларниот вртеж – појас од силни ветрови што секоја зима се формира над Арктикот. Кога овој систем ќе ослабне, студениот воздух се спушта кон југ, каде што, во контакт со потоплите воздушни маси, се создаваат силни бури.

Според прогнозите, екстремно студеното време ќе продолжи најмалку до почетокот на февруари.

Поврзани содржини