СО 3,15 ПРОМИЛИ УДРИЛ ВО ОБЈЕКТ И ПОБЕГНАЛ Пет лица уапсени поради возење под дејство на алкохол
Полицијата во Велес, Куманово, Штип и Гевгелија регистрираше серија случаи на возење под дејство на алкохол, а кај еден од приведените е измерено екстремно високо ниво.
Пет возачи под дејство на алкохол беа приведени во неколку градови низ Македонија во текот на ноќта меѓу 24 и 25 јануари, при редовни сообраќајни контроли на полицијата. Кај еден од нив е измерено дури 3,15 промили алкохол во крвта.
Најтешкиот случај е регистриран во Велес, каде 38-годишен возач од Неготино, управувајќи „мазда“, изгубил контрола на улицата Партизанска и удрил во објект, по што избегал од местото на несреќата. Возилото и возачот подоцна биле пронајдени на улицата 4 Јули, а алкотестот покажал 3,15 промили алкохол. Тој веднаш бил лишен од слобода.
Неколку часа подоцна, во Куманово, полицијата го привела 39-годишниот Д.К., кој управувал „лада нива“ со 1,62 промили алкохол во крвта. Возачот бил запрен на улицата 3 Македонска Ударна Бригада.
Во Штип, пак, бил уапсен 62-годишен возач на „југо“, кај кого било утврдено присуство на 2,74 промили алкохол. Контролата била извршена доцна вечерта на 24 јануари.
Две приведувања се регистрирани и во гевгелискиот регион. На булеварот Гевгелија бил лишен од слобода 46-годишен возач од село Селемли, кој управувал „фолксваген“ со 1,54 промили алкохол. Нешто подоцна, на регионалниот пат кај браната Паљурци, полицијата го привела и 46-годишниот Д.Т.М. од Гевгелија, возач на „мерцедес“, кај кого биле измерени 1,52 промили алкохол.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосно документирање на сите случаи, против возачите ќе бидат поднесени кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.