СО 81 ГЛАС УСВОЕНИ ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКРШОЦИТЕ, СДСМ И ДЕЛ ОД ДУИ ГЛАСАА ПРОТИВ „Сејф сити“ ќе почне да се применува од февруари

Против гласаа сите присутни пратеници од СДСМ, како и дел од пратениците на Европскиот фронт, меѓу кои Блерим Беџити, Арбана Пашоли, Садик Сулејмани, Талат Џафери и Ријад Шакири.

1,436

Собранието денеска со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за прекршоците, по скратена постапка. При гласањето беа присутни 100 пратеници, 20 беа отсутни.

За усвојување на законските измени беше потребно гласање од двотретинско мнозинство.






Со ова, се отвора патот да се стави во функција системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари.

По барање на координаторката на Европскиот фронт, Рина Ајдари, гласањето беше повторено, односно секој пратеник гласаше поединечно.

Законот го поддржаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ, Левица и дел од пратениците на ДУИ, односно Европскиот фронт. Против гласаа сите присутни пратеници од СДСМ, како и дел од пратениците на Европскиот фронт, меѓу кои Блерим Беџити, Арбана Пашоли, Садик Сулејмани, Талат Џафери и Ријад Шакири.

Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекување санкции, се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.

За сторените прекршоци возачите ќе добиваат записник и казна по СМС и по мејл.

Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза ќе се прошири спектарот на прекршоци што ќе се казнува на овој начин.

Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање на записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Камерите на „Сејф сити“ засега се инсталирани во Скопје, Куманово и во Тетово, како и на делови од автопатите на Коридор 8 и на Коридор 10.

Министерстото за внаѕрешни работи најави дека во текот на оваа година целата територија на Македонија ќе биде покриена со камерите на „Сејф сити“.

Поврзани содржини