СЀ ТРГНАЛО НАОПАКУ КОГА СЕ ПОЈАВИЛ ЃАВОЛОТ Соѕиданите 350.000 евра засега не се поврзани со конкретен поткуп
Обвинителите информираа дека не им е познато дали дел од парите се од применото мито што му е дадено на адвокатот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител, со цел да поткупи судија за да му се укине притворот на Љупчо Пецов познат како Ѓаволот, осомничен во предметот „Синџир“.
Пронајдените 350.000 евра заѕидани во кујната во домот на родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов во Неготино засега не се поврзани со ниедно конкретно кривично дело за примање поткуп или тргување со влијание. Истрагата која е во тек допрва треба да открие од каде му се парите на осомничениот судија, кои секако не можел да ги стекне од платата, информираа денеска обвинителите на брифинг во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителите информираа дека не им е познато дали дел од парите се од применото мито што му е дадено на адвокатот Фехми Стафа, поранешен државен правобранител, со цел да поткупи судија за да му се укине притворот на Љупчо Пецов познат како Ѓаволот, осомничен во предметот „Синџир“.
Стафа беше фатен на дело како прима 30.000 евра од член на семејството Пецов, откако претходно побарал и примил 20.000 евра, а вкупната договорена сума за поткуп на судијата изнесувала 100.000 евра. Токму од овој момент обвинителите почнале да градат поширока слика и контекст што довело до претреси на три локации, имоти поврзани со судијата Ристов и со пронаоѓањето на соѕиданите 350.000 евра.
Судијата не бил под посебни истражни мерки
Ниту адвокатот Стафа, ниту судијата Ристов не биле ставени под посебни истражни мерки. Не им се прислушкувани телефоните, затоа што, како што истакна предметната обвинителка Искра Хаџи Василева, поткупот и влијанието не се договараат преку телефон.
Во врска со одбраната на Ристов, кој од вчера е без судиски имунитет и му е одреден куќен притвор, дека соѕиданите пари им припаѓаат на неговите родители, заработени со земјоделие, обвинителката рече дека не е уверена во таа теза.
Хаџи Василева рече дека овој предмет не е оформен од еден наод, туку предметот „тргнал“ од повеќе пријавени наоди во врска со судии од Апелација Скопје, а случувањата биле една форма на мозаик.
– Ќе дојде сведок, ќе рече дека му се влијаело од адвокати во некои постапки кои ги водело ова Обвинителство, ќе добиете контекст, ќе прашате што се случува со тие предмети, особено кога во тие постапки се вклучени луѓе со влијание. Баравме каде се обидите за влијание, каде обидите за поткуп, како што и често се слушаше во јавноста дека им се плаќа на судиите за одредени постапки. Дел од тоа го земате како шпекулација, правите проверки за да видите колку има тоа логика, затоа што и чаршијата често е поширока и послободна во толкувањата. Предизвик за истрагата е да се најдат објективни факти. Имате телефони кои ќе се појават во одредена истрага, да речеме, телефони на затвореници. Па со нашата опрема ќе утврдиме интересни разговори меѓу затворениците, затоа што тоа се луѓе кои бараат начини да си ја олеснат ситуацијата – рече Хаџи Василева.
Од сето тоа, додаде обвинителката, се обидувате да филтрирате и да направите слика, па трагате по институциите.
– Кога тргнувате по луѓе со влијание, тие, природно, имаат контакти во многу сфери и институции, а понекогаш станува јасно дека она што ние сме го пуштиле како барање или како наредба стигнало и до нив. Но, и тоа е природно, помирени сме дека високата корупција функционира на тој начин секаде во светот, а кај нас е пораширена – рече обвинителката.
Внимававме на тактиките и на стратегиите како да не ни протечат информации од истрагата и со какви мерки ќе одиме, додаде таа, затоа што сè што оди низ повеќе раце, може да биде загрозено и има доста предизвици.
Сè почнало со Ѓаволот
– Сето ова почна отприлика пред 8-9 месеци. Тргна од еден наод, ама се градеше контекст, се градеше патека. Контурите на овој предмет почнаа да се исцртуваат со апсењето на адвокатот Стафа, по што се добија поконкретни можности за постапување. Тоа не е нешто што се планира. Со наводи и докази што беа посочени за лицето Љупчо Пецов, кој е осомничен во една постапка што ја води ова Обвинителство. Го видовме предметот „Синџир“, Пецов е лице кому во рана фаза од постапката му била определена мерка притвор и оттогаш беше во бегство. Неговите мотиви биле да не оди во притвор, а нему му се барани пари за да се укине притворот. Но, тој имал активно решение за притвор. Тешко е без да влезете барем ден или два во притвор, да барате укинување. Треба да влезете, па да образлагате пред судија или обвинител зошто вие не треба да сте во притвор. Оттука тргнаа жалби, враќање на жалбите. Два пати е одлучувано во тој предмет и ќе си дозволам да речам дека тоа е направено за да се подели одговорноста на оние кои требало да земат поткуп за да влијаат. За Стафа имаме докази за делото Примање на награда за противзаконско влијание – рече обвинителката.
Таа објасни дека Стафа е фатен на дело со вториот износ од 30.000 евра, а претходно примил 20.000 евра.
– Ние не тврдиме дека парите стигнале до судијата Ристов. Нема директен доказ. Во вакви истраги тешко е да се обезбеди директен доказ, особено за поткуп. Примопредавањата кај високата корупција не одат директно, секогаш има повеќе посредници. Има многу обрачи на заштита на примачот – рече обвинителката.
Како што напредувавме со истрагата, додаде таа, така се појавуваа сведоци што сакаа да споделат повеќе со нас.
Како се најдени соѕиданите пари?
Во врска со тоа како дошле до пронаоѓањето на парите, обвинителката рече дека паралелно се вршела и финансиска истрага, од која добиле повеќе сознанија и докази.
– Стана јасно дека бараме кеш пари. Тешко е да се фатат парите на рака, па тргнавме да ја бараме готовината. Беа направени проекции за тоа колку легитимен приход може да има судијата. Беа направени претреси на три локации кои оперативно беа најлогични за проверка и не беа пронајдени пари. Но, воопшто не е лесно да барате пари, не е лесно да се најдат нешта кои е логично да се добро скриени – рече обвинителката.
При првиот обид не беше пронајдено ништо, но, си рековме, според сознанијата, да се обидеме уште еднаш, додаде Хаџи Василева.
– Се обидовме втор пат во домот на родителите на Ристов во Неготино и со макотрпна работа на истражителите и на полицајците парите беа најдени. И тоа со користење на опрема, но и со многу логика. Како што сум информирана за претресот, родителите биле прашани дали во скоро време реновирале нешто во домот, на што одговориле негативно, но најден е свеж цемент во ѕид каде имале различни плочки и прокршени плочки. Ние не смееме да кршиме и да растураме повеќе од она што е неопходно. Но, со рачно тропкање по плочките и со опрема се појавила дупка, дупката се проширила во десно и почнале да испаѓаат спакувани пари – рече обвинителката.
Таа додаде дека пронајдените пари биле најмногу во апоени од по 500 евра, а имало и по 200 евра. Рече дека не знае кога точно биле соѕидани парите и дека немаат потврда од кој кривичен предмет потекнуваат. Таа додаде дека не може да сподели дали има сведочења за други судии.
– Овие пари не се поврзани директно со ниедно дело, во овој момент. Сепак, ние сме функционери кои сме должни да пријавуваме имот, а да имате 350.000 евра во ѕид… – рече таа.
Затоа судијата е осомничен за прикривање на имот, како и за перење пари. За делото перење пари рече дека парите не се пуштени во оптек, туку се криени, а непријавени, што е една од формите на ова кривично дело, според Кривичниот законик.
Во врска со тоа зошто за судијата Ристов не е побаран затворски притвор, туку куќен, обвинителката рече дека ги ценеле сите околности и донеле избалансирана одлука, а дополнително, осомничениот судија имал активно боледување.