МАЈКАТА НА СУДИЈАТА РИСТОВ УПЛАТИЛА 400.000 ЕВРА ЗА 4 СТАНА Соѕиданите 350.000 евра се други пари, инвеститорот не ги вратил парите за становите, иако изградбата доцнела

Обвинителката Искра Хаџивасилева рече дека паѓа во вода тврдењето на одбраната на обвинетито апелациски судија дека парите најдени во ѕидот се дел од уплатените пари за становите.

21

На денешното рочиште во Кривичниот суд против апелацискиот судија Ѓоко Ристов сведочеше инвеститорот во недвижности Круме Апостолов, кој рече дека мајката на обвинетиот судија, Донка Ристова, во јануари 2025 година уплатила околу 400.000 евра за 4 неизградени стана со вкупна површина од 250 квадратни метри.

Според Апостолов, изградбата доцнела поради документацијата, а Ристова подоцна побарала да ѝ биде вратен дел од уплатените пари. Тој рече дека веќе ги инвестирал средствата и не ѝ ги вратил парите.






На прашање на Обвинителството инвеститорот Апостолов рече дека одамна го познава обвинетиот Ѓоко Ристов, како и мајка му Донка и татко му Здравко.

– Во јануари 2025 година се чув со тетка Донка која беше заинтересирана да купи станови кои не се почнати да се градат. Отидов до кај неа и се договоривме да купи 4 стана во вкупна површина од 250 квадрати. Склучивме договор кај нотар и таа уплати околу 400.000 евра на сметка. Се доцнеше со градба. Тетка Донка ме повика, ја информирав дека ќе се почне, дека документацијата се спрема, но доцни во општината – одговори сведокот.

Сведокот раскажа дека Донка Ристова му се јавила во април, малку исплашена и го прашувала за документацијата.

– Ѝ кажав бавно оди, но ќе се среди. Ми рече ако може барем дел од сумата да ѝ вратам, но јас веќе ги инвестирав понатаму тие работи. Документите се вадеа, но фатија избори. Не ѝ вратив ништо на Донка. Сега сè спремно, за 10 дена ќе почне градбата – рече сведокот.

Во вкрстено испрашување адвокатот на судијата, Звонко Давидовиќ, го праша сведокот дали се видел или комуницирал со судијата Ристов во врска со тие станови, сведокот рече „не“, а истиот одговор го даде и на прашањето дали имал некој предмет кај судијата Ристов.

Давидовиќ по рочиштето рече дека тие 400.000 евра за станови, како и најдените во ѕидот 350.000 евра, се пари на родителите на неговиот клиент и дека Обвинителството досега не докажало дека се на судијата.

Обвинителката Искра Хаџивасилева рече дека паѓа во вода тврдењето на одбраната дека парите најдени во ѕидот се дел од уплатените пари за становите, кои наводно им биле вратени на родителите поради доцнењето на изградбата.

Ристов е обвинет за Противправно стекнување и прикривање имот и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Во куќата во Неготино беа пронајдени соѕидани 350.000 евра во 13 пакувања, со вкупно 835 банкноти од по 500 и 200 евра.

Поврзани содржини