Снегот нè изневери во јануари

Сè беше спремно за сценариото катастрофа и хаос. Нервозните граѓани понервозни од кога и да е. Опозицијата на готовс. Орце агилниот, со тешка механизација, спремен да се бори како Вучиќ со снегот во Белград – снегулките да ги фаќа во лет и да не им дозволи да падне на асфалтот. Изненадувањето беше на повидок, но снегот се излигави и нè изневери. За што ќе се караме сега?

556

Се будам утринава рано – за мене тоа „рано“ е најрано во 8 часот – и веднаш паметниот телефон в раце.

Знам дека мојот скрин тајм е катастрофален, сум читал колку е штетна светлината од екранот, но што можам, зависен сум од таа справа што ни ги смени животите.






И читам…

Снег во цела Македонија!

Снегот нè изненади во јануари!

Патиштата не се исчистени!

Скопје во хаос!

Па-па-па!

Веднаш скокам до прозорецот да видам како изгледа тоа кога мојот град е налик на Камчатка.

И… Какво разочарување!

Надвор одвај 2 накај 3 сантиметри снег, а и тој веќе се раслигавил, посивел и полека се повлекува во шахтите. Врне некое срамежливо снегче, ама без надеж дека ќе натрупа барем десеттина сантиметри, да се порадуваме малку.

Се враќам во кревет, во виртуелниот свет на мојот смартфон.

Таму ситуацијата ескалира. Дебатата за катастрофата добива опасни политички димензии.

Опозицијата  ја обвинува власта дека Скопје не било исчистено. Некако тоа било поврзано со процесот на калибрирање на камерите на „Сејф сити“. Не ми е јасно како, тоа само Филипче – Бог се роди, Венко! – го знае.

Уште посмешни ми се и реакциите на власта. Секогаш агилниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објавил фотки од некакви портокалови камиони на механизацијата спремни за борба со снегот, во доволен број и наострени да исчистат барем пет кварта во некој град налик на оние на Камчатка.

Малку подоцна, Орце агилниот победнички објавува – градот е чист! А во коментарите, граѓаните реагираат – не е чист секаде, не е!

Како и да е, покажавме дека сме можеле и ние снегот да го чистиме како што Вучиќ го чисти во Белград – снегулките да ги фаќаме во лет, да не им даваме да паднат на асфалтот, да ѝ пркосиме на гравитацијата.

И сега за инает нејќе да падне…

Се прпелкам во креветот и веќе ме фаќа јанѕа. Станувам и се облекувам брзо. Трчам надвор да фатам барем некоја снегулка од катастрофава, да повозам низ исчитените улици и можеби прописно „посолени“ улици, да поуживам и јас малку во „хаосот“.

А надвор, баш ништо од сето тоа. Или, речиси ништо…

Јас изгледа сепак сум ја преспал возбудата од првиот скопски снег во оваа сезона. Сега ми останува да се надевам дека во попладневните часови, или вечерва, или ноќеска можеби, снегот сепак ќе нè завее.

Абре луѓе, нека завее, нека натрупа едно 20 сантиметри, да се порадуваме малку!

Како некогаш, кога бевме деца, кога во Скопјево наше знаеше да падне и половина метар снег. И тогаш, како и сега, се жалевме на „хаосот“, но постарите ни велеа дека снегот е здравје и бериќет и дека треба да му се радуваме. Тогаш на училиште одевме пешки и таму уживавме во бескрајните игри во училишниот двор. И постарите пешачеа по улиците, а влезовите во зградите ги чистеа самите, со дрвени лопати (оние од резервите за СВОЗ) и потоа сите заедно пиеја греено вино и се дружеа.

Јеби га, тогаш немаше партии и немаше за што да се караат…

Снегот и тогаш редовно нè изненадуваше баш во декември или во јануари, но ние бевме некако подруги луѓе и тие изненадувања некако ни беа пријатни.

Кога ли станавме вакви, да не речам – никакви?

Поврзани содржини