НАЈМАЛКУ 40 ЗАГИНАТИ ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА НЕСРЕЌА ВО ШПАНИЈА Прогласена тридневна жалост

Шпанскиот премиер Педро Санчез, говорејќи од местото на несреќата, даде гаранција дека владата ќе ги објави информациите штом бидат познати деталите за несреќата.

135

Во Шпанија денеска е прогласена тридневна жалост додека спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат уништените вагони за да ги пронајдат уште евентуални жртви по судирот на брзи возови во неделата.

Според последните информации, бројот на жртви во железничката несреќа во Адамуз во Кордоба се зголеми на 40, додека 41 лице е хоспитализирано, од кои 12 се на интензивна нега, соопштија андалузиските служби за итни случаи.






Полицијата соопшти дека отворила неколку канцеларии каде луѓето можат да поднесат пријави и „да предадат примероци од ДНК за идентификација на жртвите“, пренесува Гардијан.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, говорејќи од местото на несреќата, даде гаранција дека владата ќе ги објави информациите штом бидат познати деталите за несреќата.

Речиси 500 луѓе патувале во двата брзи воза кои учествувале во несреќата. Во возот на линијата Малага-Мадрид имало 294 луѓе, додека во возот кој одел од Мадрид за Уелва имало 184 патници.

Шпанскиот министер за сообраќај Оскар Пуенте рече дека линијата Мадрид-Андалузија веројатно повторно ќе биде отворена на 2 февруари.

Во врска со можноста дека причина за излетувањето на возот од шините е дефект на пругата, министерот кажа дека мора да се утврди дали тоа е причината или последицата. Пуенте објасни дека шините на пругата каде што се случи несреќата во Адамуз не пукнале само на една делница, туку на неколку места, во должина од 200 до 300 метри.

Министерот напомена дека ова е прва голема несреќа на брзите пруги, со исклучок на судирот во Галиција. Исто така, прецизираше дека 20 минути пред несреќата, три други возови поминале низ таа делница на пругата без инциденти.

Италијанската компанија Ирио соопшти дека нивниот воз, кој учествувал во несреќата, поминал на технички преглед четири дена претходно.

Поврзани содржини