🎥 ОД КОРЕЈСКИ МАШКИ БЕНД ДО ГЛОБАЛНА ПОП-ИНСТИТУЦИЈА По 4 години пауза, К-поп бендот BTS тргнува на светска турнеја

Јужнокорејскиот К-поп бенд BTS тргнува на светска турнеја во април. Станува збор за најзначајниот културен феномен во Јужна Кореја и најуспешниот музички извоз на земјата, кој се враќа на светската сцена после четиригодишна пауза.

238

По четиригодишна пауза, јужнокорејскиот К-поп бенд BTS тргнува на светска турнеја во април, а веста за големиот камбек на седумте момци кои ги сметаат за најзначаен културен феномен во Јужна Кореја и најуспешен музички извоз на земјата, ја објавија многу светски медиуми меѓу кои и Си-Ен-Ен.

Во рамките на својата светска турнеја BTS планира 79 концерти во 34 градови, објави нивната издавачка куќа.






Турнејата започнува на 9 април со настап во Гојанг, Јужна Кореја, а последниот концерт е закажан за март 2027 година во главниот град на Филипините, Манила.

За Европа се најавени два концерта во Минхен, на 11 и 12 јули, а К-поп бендот ќе настапи и во Брисел (1 и 2 јули), Лондон (6 и 7 јули) и Париз (17 и 18 јули).

Момчешкиот бенд, познат по своите внимателно извежбани танцови кореографии, ги исполни стадионите низ целиот свет пред паузата и се искачи на врвот на топ листите. Најавен е нов албум за март.

Според јужнокорејската влада, BTS годишно носи еквивалент на неколку милијарди евра во економијата на земјата.

Почнувајќи од 2022 година, сите музичари на BTS ја започнаа својата воена служба, што значеше пауза за бендот. Воената служба во Јужна Кореја е задолжителна за секој работоспособен маж до 30-годишна возраст. Седумте членови на бендот се обединија повторно во јуни минатата година, на големо задоволство на нивните обожаватели.

Станува збор за бенд кој еволуираше од корејски момчешки бенд во глобална поп институција, а нивната музика, кореографија и општествено влијание се огромни и кога станува збор за поп музиката, но и за менталното здравје и младинската култура низ целиот свет.

Нивните песни сега се стандардни на плејлистите за стриминг, на часови по фитнес, модни ревии и спортски арени, додека нивните концерти привлекуваат публика од различни индустрии, која вклучува и музичари кои се на врвот на топ листите, холивудски актери, елитни спортисти и посветени фанови на BTS од целиот свет.

Поврзани содржини