ПУКААТ ОДНОСИТЕ МЕЃУ ДАНСКА И ГРЕНЛАНД Министрите од Копенхаген и од Нук на состанок со Венс и со Рубио во Белата куќа

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговата колешка од Гренланд, Вивијан Мотцфелд, побараа состанок откако американскиот претседател Доналд Трамп ги засили заканите за преземање на островот.

1,820

Министрите за надворешни работи на Данска и на Гренланд утре во Белата куќа во Вашинготн ќе се сретнат со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и со државниот секретар Марко Рубио, во услови на силно изразената намера на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз арктичкиот остров.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и неговата колешка од Гренланд, Вивијан Мотцфелд, побараа состанок откако Трамп неодамна ги засили заканите за преземање на Гренланд, автономна територија под Кралството Данска.






Трамп првпат ја изнесе идејата за американско преземање на Гренланд уште во 2019 година за време на неговиот прв мандат. Претседателот се соочува со протовење на опозиција во Вашингтон, па и во сопствената Републиканска партија. Данска со векови го контролира Гренланд, а од 1979 година територијата постепено се движи кон независност, цел што ја делат сите политички партии во парламентот на островот.

Иако министрите Мотцфелд и Расмусен ќе се обидат заеднички да најдат решение со САД за кризата околу Гренланд, се чини дека данската и гренландската страна дејствуваат сè помалку обединето. Дури и во рамките на политичкото раководство на Гренланд и на парламентарните партии нема единство околу одговорот на заканите на Трамп, кои беа повторени во вторникот вечерта во објава на Белата куќа на Икс, на која се гледа како американскиот претседател гледа низ прозорец кон мапата на Гренланд.

Денеска, пак, во Копенхаген пристигна американска делегација од 8 сенатори и членови на Претставничкиот дом на Конгресот, претежно демократи, која ќе има средби со претставници на данската и на гренландската влада, како и со бизнис лидери.

Претседателката на Комитетот за надворешна и безбедносна политика на Парламентот на Гренланд, Пипалук Линге, која не беше поканета на средбите, самата побара да присуствува на состанокот со американските сенатори:

– Не можете да разговарате за нас, без нас. Чудно е што сенаторите беа поканети во Данска, а не во Гренланд – вели таа.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, исто така пристигна во Копенхаген и ќе остане во данската престолнина уште една недела, очигледно за да биде што е можно поблиску до данските лидери кога ќе се водат разговори за неговата татковина.

Во меѓувреме, некои дански политичари го изгубија трпението, па поранешниот претседател на националистичката и популистичка Данска народна партија, Кристијан Тулесен Дал, изјави дека сегашната ситуација во која гренландските лидери можат да кажат што сакаат за Данска без никаква одговорност или последици е неодржлива.

– Можеби треба да бидеме целосно отворени во односите меѓу Данска и Гренланд. Гренланд неколку пати јасно стави до знаење дека сака да се отцепи. Тоа е само прашање на време и метод. Долгорочната цел на речиси сите партии во Гренланд е независноста. Сега мора да им биде јасно на сите дека САД нема да прифатат независен Гренланд. Дали Гренландците ја гледаат својата иднина заедно со Данска или нивната желба за отцепување ќе ги одведе во американските прегратки? Нека Гренландците разговараат директно со САД и нека ја изберат својата иднина врз основа на тоа – рече Тулесен Дал.

Инеки Килсен, потпретседателка на левичарската партија Сиумут, исто така верува дека Гренланд треба независно и директно да разговара со САД и истакнува дека данскиот министер за надворешни работи нема што да бара на вакви состаноци:

– Данската влада постојано повторуваше дека Гренланд им припаѓа на Гренландците, па нека се држат до тоа сега – рече таа.

Од друга страна, данската левичарска партија Енхедслистен повика гренландското знаме да се вее над палатата Кристијансборг во Копенхаген, седиштето на данскиот парламент, влада и врховен суд.

– Го повикуваме парламентот да дејствува како знак на солидарност и сочувство кон гренландскиот народ и нивното право сами да донесуваат одлуки за иднината на Гренланд – рече претставникот на таа партија, Педер Хвелплунд.

Аки-Матилда Хег-Дам, претставничка на Гренланд во данскиот парламент и застапник на независноста на Гренланд, поразувачки заклучи дека Доналд Трамп тешко може да се одврати од неговата намера да го окупира Гренланд. Таа тврди дека не е нужно проблематично да се склучи договор со САД ако тоа може да им овозможи на Гренландците поголема независност.

– САД сепак доаѓаат на Гренланд, па затоа мора да се обидеме да извлечеме нешто од тоа. Мора да бидеме паметни. Или ќе им дозволиме да нè преземат со сила или ќе се обидеме да го добиеме најдоброто за гренландскиот народ преку преговори. Нема трета опција – вели таа.

Данската премиерка Мете Фредериксен беше отворено прашана пред два дена што ќе се случи ако САД отидат на Гренланд со сила. Таа одби јасно да одговори на тоа прашање.

– Мислам дека повеќето Данци разбираат дека не можам да го споделам ова со јавноста. Има многу работи на кои не можам да одговорам. Ќе кажам само дека сме во судбоносен момент – рече таа.

Во неколку дански градови во сабота ќе се одржат протести против американските претензии кон најголемиот остров во светот под слоганот „Рацете подалеку од Гренланд“. Организаторот е организација на Инуитите од Данска, чија претседателка Камила Зизинг вели:

– Обично не се мешаме во политиката, но ситуацијата стана толку сериозна што мора да го кренеме гласот.

Гренландските медиуми известуваат дека загрижените жители почнуваат да складираат гориво и храна, бидејќи се плашат од ескалација на кризата и прекин на снабдувањето со основни потреби и комуникации. Некои зборуваат за преселба на безбедно место во Данска.

Градоначалничката на Нук, Аварак Олсен вели дека немирот и стравот меѓу 20.000 жители на главмиот геад на Гренланд растат секој ден.

– Иако им велам на сите да останат смирени, разбирам дека луѓето се плашат. Разбирам зошто гледаат кон небото и морето, барајќи што може да се случи – вели таа.

Поранешниот гренландски политичар Акалук Линге, основач на левичарската партија Инуити Атакатигиит се плаши дека растечките тензии меѓу неговата татковина и Данска ќе им дозволат на САД да ги спроведат своите закани и да спроведат анексија.

– Изјавите на гренландските лидери, кои речиси нè прикажуваат како независен актер во надворешната политика, само го потврдуваат она што го тврдат Американците – дека постои вакуум во моќта на Арктикот. А тоа е прилично опасен пат. Неопходно е да му кажеме на светот дека не сме во уставна криза. Постојано се повторува мантрата дека не сакаме да бидеме Американци, но не сакаме ниту да бидеме Данци. Ова додава масло на огнот. Потребно е да му кажеме на светот дека не сме во уставна криза. Дека Гренланд, Данска и Фарските Острови формираат заедница во која имаме големи можности – вели Линге.

Тој нагласи дека Гренланд не треба сам да преговара со САД.

– Министерот за надворешни работи Моцфелд мора да престане да се однесува како да сме огромна земја. Ние сме доста мала нација, а Данска е мал партнер во НАТО. Нека Данска, која е одговорна за надворешната и безбедносната политика, ја преземе водечката улога. Бесмислено е да им покажуваме на оние со кои се среќаваме дека постои големо несогласување меѓу нас – додаде тој.

Поврзани содржини