📽️ НОВИ УЛИЦИ И КОМУНАЛНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО НЕГОТИНО Владата инвестира речиси 30 милиони денари во нов урбан блок

Проектот, финансиран од Владата преку Министерството за транспорт и врски, предвидува изградба на нови улици и комплетна комунална инфраструктура во урбан блок 5.1.

100

Владата преку Министерството за транспорт и врски инвестира 29,6 милиони денари во изградба на нова урбана заедница во Неготино, со што ќе се обезбедат нови улици и комплетна комунална инфраструктура, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Проектот опфаќа изградба на урбана заедница 5, урбан блок 5.1, каде што се предвидува пробивање и уредување на нови улици со вкупна должина од околу 550 метри, како и изградба на водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација.






– Ова е значаен инфраструктурен зафат со кој создаваме современа, функционална и добро организирана урбана средина. Инвестираме во проекти што имаат долгорочно значење и директно го подобруваат секојдневието на граѓаните – истакна премиерот Мицкоски во објава на социјалните мрежи.

Средствата за реализација на проектот, во износ од 29.603.854 денари, се целосно обезбедени од државниот буџет преку Министерството за транспорт и врски.

Од Владата посочуваат дека со овој проект ќе се овозможи порамномерен урбан развој на Неготино, ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се унапреди квалитетот на живот на жителите, при што се поставуваат темели за модерен и одржлив развој на градот.

Поврзани содржини