СНЕГОТ И МРАЗОТ ГО МЕНУВААТ ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ Дел од линиите во Скопје можно е да бидат скратени
Поради ниските температури и најавениот снег, дел од автобусите може привремено да сообраќаат само по безбедни и проодни делници.
Јавниот превоз во Скопје може привремено да биде редуциран поради студениот бран и најавените снежни врнежи, информира ЈСП „Скопје“. Од претпријатието предупредуваат дека дел од автобусите можно е да не сообраќаат по целите траси доколку улиците станат небезбедни и непроодни.
Според соопштението објавено на официјалниот фејсбук-профил на Град Скопје, во услови на снег и мраз, одредени линии ќе сообраќаат само до точки кои ќе бидат проценети како безбедни за движење на автобусите, согласно проценките на надлежните служби.
Од ЈСП додаваат дека доколку временските услови дополнително се влошат и не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот, ќе следуваат нови измени во јавниот превоз, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани.
Во случај на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива според редуцираниот делничен зимски возен ред, кој важи за време на зимскиот училиштен распуст.
Екипи на ЈСП, заедно со службите на Град Скопје и општините, ќе бидат на терен со соодветна механизација за навремено расчистување на улиците и обезбедување безбедни услови за сообраќај, со цел јавниот превоз да функционира без поголеми прекини.
Во меѓувреме, од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека попладнево во Скопје ќе има повремени врнежи од дожд и снег, кои во текот на ноќта ќе преминат во снег. Снежни врнежи се очекуваат и утре, што дополнително може да влијае врз сообраќајот во градот.