НАД 17.000 НЕСРЕЌИ И 27.000 ЛИЦА СО ПОСЛЕДИЦИ ЗА 4 ГОДИНИ „Безбеден град“ стартува среде алармантни бројки
Автоматскиот систем за контрола стартува додека бројот на несреќи, повредени и загинати бележи континуиран раст.
Со повеќе од 17.000 сообраќајни незгоди и над 27.000 настрадани лица во период од четири години, државната статистика покажува дека Република Северна Македонија бележи континуиран раст на ризиците во сообраќајот. Во таков контекст стартува и најобемниот систем за автоматска контрола на сообраќајот – „Безбеден град“, кој уште во тест-периодот регистрира десетици илјади прекршоци дневно, отворајќи сериозно прашање дали напредната технологија може да го прекине растечкиот циклус на сообраќајни несреќи.
Бројот на сообраќајни незгоди, според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година изнесувал 4.069, во 2022 година благо се намалил на 3.952, но наместо да продолжи надолниот тренд, веќе во 2023 година повторно расте на 4.274, а во 2024 достигнува 4.526 незгоди.
Паралелно со растот на несреќите, расте и бројот на настрадани лица. По значителното намалување во 2022 година, кога биле регистрирани 6.420 настрадани, следува нов пораст – 7.105 во 2023 и 7.298 во 2024 година. Во споредба со најниската точка во 2022 година, станува збор за зголемување од речиси 900 лица за само две години.
Особено алармантен е растот на бројот на загинати. Додека во 2021 година загинале 116 лица, во 2022 бројката се зголемува на 124, во 2023 достигнува 127, а во 2024 година бележи највисока вредност – 142 жртви.
Најголем дел од загинатите во 2024 година се возачи – вкупно 85, по што следуваат 33 патници и 24 пешаци. Иако бројот на загинати пешаци бележи благо намалување, загубите на живот меѓу возачите се највисоки во последните четири години.
Раст бележи и бројот на повредени. Потешко и полесно повредените лица, кои во 2021 година биле 6.659, во 2022 се намалуваат на 6.296, но веќе во 2023 повторно растат на 6.978, а во 2024 достигнуваат 7.156 повредени.
Сумирано, последните две години покажуваат јасен и континуиран раст на бројот на сообраќајни несреќи, повредени и загинати лица.
До средината на 2026 „Безбеден град“ ќе ја покрие целата држава
Паралелно со овие трендови, државата го активира најкомплексниот систем за автоматска сообраќајна контрола – „Безбеден град“. Системот опфаќа мрежа од стационарни и мобилни камери, радари, интеграција со бази на податоци и автоматско креирање записници. Прекршоците – недозволена брзина, минување на црвено светло, управување нерегистрирани возила и непрописно паркирање – се документираат дигитално, а известувањата и платните налози ќе се испраќаат електронски, со можност за попуст при навремено плаќање.
Пробниот период започна на 1 декември 2025 година, при што, според податоците од Министерството за внатрешни работи, во првите 24 часа биле регистрирани 110.000 прекршоци. Веќе наредниот ден, на 2 декември, бројот се намалил на 50.652 прекршоци, што претставува речиси преполовување. Од нив, 48.861 се однесуваат на пречекорување на брзината, 1.366 на минување на црвено светло, а 425 на нерегистрирани возила.
Иако беше најавено казните да стартуваат од 1 јануари 2026 година, Министерството ја пролонгираше целосната примена за 1 февруари 2026, поради технички доработки и усогласувања. Во првата фаза, системот ќе функционира на територијата на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10.
Во меѓувреме, полициски службеници од СВР Битола денеска, во периодот од 14 до 20 часот, спроведоа засилена акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената.
Иако сè уште се прибираат систематизирани податоци, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека во периодот на предупредувања, без ефективни казни, бројот на повредени третирани на Клиниката за трауматологија е намален за околу 20 проценти во споредба со претходниот период.
Според МВР, системот „Безбеден град“ ја применува истата толеранција на брзина како и останатите полициски радари: до 100 км/ч дозволено е отстапување од 6 км/ч, над 100 км/ч – 8 км/ч, а над 200 км/ч – 12 км/ч. Така, при дозволени 50 км/ч, прекршок ќе се регистрира од 57 км/ч. Оваа толеранција важи за сообраќајни прекршоци, но не и за кривични дела.
Системот ќе ги санкционира и службените возила доколку не постапуваат во рамки на оправдани оперативни дејствија, додека возилата на брза помош, пожарна, МВР и МО ќе бидат изземени само кога навистина извршуваат службена задача.
Министерот Тошковски изјави дека проектот „Безбеден град“, заедно со неговото одржување од 2008 до 2025 година, го чинел државниот буџет околу 85 милиони евра, што, распределено во период од 14 години, претставува приближно една петина од годишните трошоци што државата ги има како последица од сообраќајни незгоди.
Најавено е дека до средината на 2026 година системот ќе биде имплементиран на целата територија на државата.
„Безбеден град“ – шанса за брз ефект, но долгорочниот успех зависи од сите
Доколку „Безбеден град“ функционира според планираното, се очекува краткорочно намалување на бројот на повредени и загинати, а среднорочно стабилен тренд на опаѓање, во согласност со целите на ЕУ и ООН за преполовување на смртните случаи до 2030 година.
Сепак, успехот нема да се мери само со бројот на изречени казни, туку со реални промени во навиките: помалку минувања на црвено, пониска просечна брзина во градовите, поголема дисциплина кај пешаците и велосипедистите и подобро одржување на возилата. Тука клучна е улогата на јавните кампањи и транспортните политики – од паметни ограничувања на брзината, до поголемо поттикнување на јавниот превоз и активното движење.
Според експертите, не е доволно само да се „казнува повеќе“, туку е потребна интегрирана стратегија што ги поврзува технологијата, инфраструктурата, образованието и итната медицинска помош, со јасни индикатори и јавна отчетност.
Доколку „Безбеден град“ стане катализатор за таква интеграција, 2026 година може да биде пресвртна. Доколку, пак, остане изолиран технолошки проект без паралелни вложувања во патиштата и сообраќајната култура, постои ризик ефектот брзо да се истроши.
Едно е сигурно – бројките од 2024 година не оставаат простор за комоција. „Безбеден град“ е шанса за силен и брз удар врз најопасните навики, но одржливиот успех ќе зависи од тоа колку брзо ќе се движиме на сите фронтови – од реконструкција на „црните точки“ до воспитување генерации возачи кои нема да чекаат камера за да возат одговорно.