МИЦКОСКИ НЕМА ДА СЕ ЗАНИМАВА СО КОСКИ ОД МИНАТОТО Премиерот вели дека неговиот фокус се идните генерации
На Свечената академија по повод 23 Октомври, премиерот порача дека Македонија треба мудро да го води процесот на европска интеграција, но и да не отстапува од своите национални интереси. Тој се осврна на спорот со Бугарија, историското наследство и безбедносните ризици во регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека неговата задача не е да се занимава со „коски од минатото“, туку да обезбеди иднина за идните генерации. Осврнувајќи се на спорот со Бугарија, тој истакна дека е важно Македонија да биде трпелива и мудра во процесот на европска интеграција, но и да не отстапува од своите национални интереси.
– Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски што припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина што им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Не велам дека тоа е само мој успех, но е заеднички чекор напред – порача Мицкоски на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Мицкоски истакна дека членството во Европската Унија е важно за Македонија да може рамноправно да учествува во процесите на одлучување и да ги брани своите интереси.
Според него, Бугарија почнала да ги отвора прашањата за добрососедските односи и историските личности откако станала членка на ЕУ, користејќи ги механизмите на Унијата за да го блокира македонскиот евроинтегративен процес.
– Ете затоа е важно и ние да бидеме таму, а нашата борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство. Ова не го кажувам за да укажам на неправедните игри кон нашата татковина, туку поради потребата да бидеме трпеливи и да дејствуваме на долги патеки – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека нема да реагира импулсивно на провокациите и притисоците, туку ќе одговара со разум, принципи и отпорност. Политиката, како што посочи, ја гледа како маратон, а не како трка на 100 метри.
Мицкоски порача дека нема да отстапи од она што го смета за интерес на македонскиот народ, ниту од политиката што ги застапува македонските национални интереси.
– И Бугарија да договори стотина како опозицијата, кои ќе велат: „Бланко внеси ги Бугарите во Уставот, па потоа сè друго“, одговорот ќе биде дека никогаш нема да отстапам од она што е интерес на мојот народ. Ниту има сила што ќе ме поколеба да водам исправна промакедонска политика. Затоа што за сите нив најчудно е и најголем грев е да си Македонец што се бори за македонските интереси. Може сè да ти простат, но да си свој на своето – не. И народот тоа многу добро го гледа, а тоа го покажуваат и бројките од анкетите. Народот знае дека тие се мекото ткиво на нашата татковина – истакна премиерот.
Осврнувајќи се на историските прашања, Мицкоски рече дека македонското историско паметење не зависи од одобрувањето на други и дека никакви притисоци не можат да ја избришат улогата на Гоце Делчев во македонската историја.
– А на оние што се кројачи на историјата и мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење… Гоце е Македонија! – порача Мицкоски.
Во обраќањето, премиерот се осврна и на безбедносните состојби во Европа и на Балканот. Тој оцени дека растот на протестите и насилството, како и активностите на различни служби во регионот, создаваат ризик од обиди туѓите проблеми да се пренесат во земјава.
Мицкоски предупреди на можни провокации и обиди за наметнување етнички теми, повикувајќи ги граѓаните да бидат внимателни и да не подлегнуваат на манипулации.
– Затоа е многу важно народот да биде високо свесен, да не потпаѓа на разни провокации и да не се наметнуваат вештачки прашања или хиперболизирани етнички теми. На тој начин, профитерите од таквите кризи нема да бидат меѓу народот, туку оние што со децении живеат на грбот на народот – рече Мицкоски.
Тој порача дека нема да дозволи, како што рече, нечесни игри и политички авантури. Државата, според него, треба да се води со отвореност кон реалноста, разбирање за потребите на граѓаните и подготвеност да се исправат направените грешки.
– Ќе има тешкотии и ќе има одлуки за кои ќе се водат сериозни расправи. Нашата обврска е да објасниме, да сослушаме, да признаеме кога нешто треба да се поправи и да го поправиме. Држава се води со отворени очи за стварноста и со чувство за животот на луѓето – порача Мицкоски.