АКО МОЖЕ ЗА УКРАИНА, ЗОШТО ДА НЕ МОЖЕ ЗА МАКЕДОНИЈА? Претседателката прашува зошто ЕУ не наоѓа политичко решение за одблокирање на преговорите
Испаѓа дека на вагата на ЕУ нашите уставни измени вредат повеќе од вистинските реформи - рече претседателката Сиљановска Давкова.
За да продолжат преговорите меѓу Македонија и Европската Унија потребна е политичка волја, наша, но и на Унијата. Ние сме предложиле повеќе политички решенија, а ЕУ треба да избере едно од нив или да најде решение самата. Ако можеше да го направи тоа за Украина, може и за нашата држава – рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Таа говореше за блокадата на евроинтеграцијата во своето годишно обраќање во Собранието.
Според неа, по промената на името на државата, секоја друга уставна промена што се бара од нас изгледа бенигна за ЕУ. Со уште една уставна измена, од овој процес ќе излеземе како старецот од морето – со костур од риба во рацете – рече Сиљановска Давкова. Таа нагласи дека тоа е резултат на одлуките на претходната власт.
Претседателката посочи дека највисоки оценки од ЕУ Македонија добила во периодот од 2017 до 2020 година. Тоа е периододт кога сме ги потпишале Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор. Сега сме стигнале до „ограничен напредок“. Оттука, заклучи Давкоца, произлегува дека тоа сме го заслужиле со прифаќање на решенија и услови што не се поврзани со владеењето на правото.
– На вагата на ЕУ нашите уставни измени вредат повеќе од вистинските реформи – рече претседателката. Таа нагласи дека најнов услов сега е внесувањето на Бугарите во Уставот. Насптори тоа што во 1996 година во студија за „Повторното враќање на демократијата“ Уставот на Македонија се нашол меѓу 12 најдобри што биле издвоени.
– Секаде каде што одев го бранев нашето уставно право за европско членство. Секаде посочував на парадоксалната недоследност дека сме 20 години со статус на кандидат за членство – рече претседателката Сиљановска Давкова.