Инверзна перверзија

Кога ги читате нивните воспалени „критики“ на актуелната власт или ги слушате оние два-три лика кои постојано ни ги туркаат пред очи, треба само да направите инверзија во времето: тие кутрите говорат за себе и своето време, за нивното политикантско наследство и бедата што ја оставија во државата. Тоа е реалното време на нивните обраќања до јавноста, сето друго е перверзно подметнување.

249

Насловот е блага модификација на една од омилените методи на „Ацо Србине“ контра српската студентарија, младина, нивните наставници и професори и тук-таму по некој посмел политичар, метода којашто лицемерно го префрла сиот актуелен отров што се случува таму од власта кон спомнатиот „народен фронт“. Многу, многу слично на македонското секојдневие – како што спомнав и минатиот пат – при што ситуацијата е инверзна: „опозицијата“, онаа (ќе простите) „шака јада“ со Филипче на чело и сличната (сѐ уште) жива клиентелистичко-интелектуалистичка беда предводена од грст полуписмени професорчиња, со сите сили се труди нивното злосторничко наследство да го накалеми врз актуелната власт, толку потценувајќи ја меморијата на македонските граѓани небаре ние а не тие с(м)е малоумни шутраци.

Меѓу другото и за актуелново страотно загадување, заборавајќи дека нивната доскорешна потпретседателка, а потоа и кандидатка за градоначалничка на Скопје – за среќа неуспешна! – беше министерка за животна средина, претходно и државен секретар во истото Министерство итн. Не објаснуваат само како оваа „ненародна“ власт успеа за година и половина да упропасти онаква „златна“ држава каква што оставија тие. Чист Рипли!






Затоа, кога ги читате нивните воспалени „критики“ на актуелната власт или ги слушате оние два-три лика кои постојано ни ги туркаат пред очи, треба само да направите инверзија во времето: тие кутрите говорат за себе и своето време, за нивното политикантско наследство и бедата што ја оставија во државата. Тоа е реалното време на нивните обраќања до јавноста, сето друго е перверзно подметнување.

Па така, кога читате дека „Ужасот има име, се вика молк и се потпишува како анестезирани граѓани, длабоко пикнати во глувчешки дупки, без свест и совест за сопствениот живот, ако ништо друго, ако не е за нешто повеќе и подобро (…)“, кристално јасно е дека потсвеста работи турбо, дека сеќавањата на оние погубни седум години се толку силни што се тркалаат низ времето и се пресликуваат во сегашноста како мизерно но проѕирно подметнато кукавичко јајце. Зашто, навистина ужасот имаше име и се викаше темна коалиција, граѓаните навистина беа како анестезирани бидејќи не можеа да си објаснат како им го киднапираа нивниот гнев и отпор и како беа излажани од луѓе без свест и совест, како нивниот живот наместо во „македонска пролет“ се претвори во кошмарен сон… И точно е дека овие кои сега отвориле четири усти тогаш молчеа како залиени чувајќи си ги тезгите и синекурите!

Или, на пример, кога читате дека „Демократските институции и слободата на говор се веќе силно на удар. Сите се прашуваме што се случува? Авторитарниот порив и инстикт, како и желбата за власт што ја има оваа политичка гарнитура ги заслепува сосема за да ја разберат и суштината на тоа што го направија (…)“, тоа е само уште едно далечно ехо што несопирливо одекнува во меморијата во врска со онаа простачка алчност за власт на една политичка гарнитура подготвена да жртвува сѐ, вклучувајќи го и името на државата, јазикот, културата, историјата…, она што источниот ни сосед сега ни го бара како „пакет од 2022 година“! А и треба да им го дадеме, во форма на спакуван пакет со овие ликови и префрлен преку границата! И не би ме зачудило ако многу бргу овие и вакви времепловни меморабилии не ја сместат актуелната власт во таа година и ја прогласат за одговорна и за тој „пакет“! Ако пак говориме за авторитарен порив и замолчување на институциите и граѓаните тогаш периодот 2017-2024 е и понатаму вистинска историска читанка зашто сѐ уште „се прашуваме“: овие нормални ли беа? Но, истовремено се прашувавме и како беше можно тоа евтино тезгарење со националните интереси да не биде „(…) јавно осудено од сите демократски институции во државата, од поединци, интелектуалци, професори (…)“ и зарем тоа не беше/не е срамота „за оние медиумски пропагандисти кои учествуваат во одбрана“ на ова зло? И си велевме: „нека им биде на чест, ако имаат грам чест во што не верувам!!“.

Сѐ се тоа инверзно перверзни реминисценции од тоа време, потиснати сеќавања што се врежале (и) во нивната меморија, некогаш и неволно, а коишто тогаш не смееле јавно да ги изустат. Ама се употребливи барем за денешново време, колку да си ја одработат домашната задача.

И, се разбира, во тој и таков маѓепсан круг, се губи не само чувството за време туку и за логично поврзување на нештата, за мерка, за пристојност, доблесност… Тогаш се откопуваат некакви сомнабулни „историски тежини“, се препознаваат и поврзуваат провокативни предавства од пред цел еден век и се подметнуваат како мамец за македонскиот дел од граѓанството! А всушност, за да конструирате нешто такво, треба да сте страшно неук, историски неупатен и современо наивен. Зашто, македонскиот граѓанин одамна, а денес особено, не можете да го плашите со некаков врховизам како „историски атавизам“. Тој е жив само кај фрустрирани и неуки луѓе кусогледи за историјата и нејзините транспозиции во сегашноста. Впрочем, современа варијанта на врховизмот попрво ќе најдете во „пакетите“ на денешнава македонска „опозиција“. Но ќе најдете и многу други „историски атавизми“, оние од поблиското историско минато, со сличности со оној црн соцреализам и информбировштина кои подметнуваа, манипулираа, обвинуваа, гонеа, судеа и пресудуваа голооточки казни без право на одбрана.

Ви текнува на што мислам или треба да нацртам? Ајде ќе цртаме: немаат ли наследниците на соцреализмот во Македонија ништо да кажат апропо она болшевичко судење на новинари врз основа на денунцијанството на нивната секта? Судење без покана и право на одбрана? Ама тоа за нив не е врховизам или болшевизам туку – демократски механизам?! Ќе „зуцне“ ли нешто некој од нивните професорчиња, магистерчиња, асистентчиња, новинарчиња, шефици на кабинетчиња, претседателчиња на соцреалистички здруженија…? Или ќе се кријат зад „партијата“ им, како некогаш?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини