Криво ми е што СДСМ пропушти сериозна шанса и што пар луѓе нè направија мајмуни
Најкриво ми е што комплетно е изгубен секаков интерес кај јавноста и релеватност кај луѓето за СДСМ - и од таа гледна точка, го поддржувам секој и сечиј напор да се наметнат промени, да се отстрани ова раководство, да се извади партијата од приватните и тесните интереси на еден криминоген клан и таа да се врати во рацете на вистинските членови, гласачи и посветени граѓани.
Денешната голгота и безизлезноста на опозицијата, на СДСМ, е само резултат на децениското нивно (не)работење. Оваа расулост и беспаќе започна да се создава во 2013 година со изборот на Заев за претседател на СДСМ.
Се надградуваше и се прошируваше со статутарните измени, со директното именување на претседатели на ОО (општински организации) од страна на Заев, со гаснењето на внатрепартиската дебата, со замолчувањето на секој еден кој имаше различно мислење.
Денешната агонија на СДСМ со Венко Филипче е резултат и на заевото некогашно и сегашно владеење со оваа партија.
Имаше луѓе кои во 2013, 2014, 2015 година, алармираа.
Имаше луѓе со интегритет кои и во рамки на партијата зборуваа, а потоа мораа тоа да го прават и јавно, затоа што беа набркани и етикетирани како предавници.
Државотворната СДСМ килаво и едвај ја презеде власта, а уште покилаво и потромаво раководеше со државата.
Но, во моментите на власт речиси ниту еден од функционерите и денеска (со право) загрижени за начинот на кој се развива партијата – не проговорија ниту збор. Ниту против Заев, ниту против Ковачевски. Молчеа, затоа што сркаа од медот, а добиваа аларми дека работата не чини (референдум, парламентарни избори 2020, локални 2021, скандали еден тон и сл.).
Така што и нивниот молк и грижа само за личните и лукративни интереси, придонесе за оваа агонија. Не велам дека денес треба да молчат, но повеќето, настрана чесни исклучоци, треба да се свесни дека не се дел од решението.
Деновиве слушам дека секој од опозицијата што е против Филипче и ќе заработи кривична пријава од власта е дел од решението за СДСМ и претставува некое „здраво и сврзно ткиво”. Не се глупирајте.
Не може поразени ликови под сомнение за криминал да се решение.
Криво ми е што СДСМ пропушти сериозна шанса. Како за себе, така и за Македонија. Криво ми е што нè направија мајмуни, пар луѓе пропаднаа сериозна политичка опција, разочараа членство, граѓанство и упропастија еден цел граѓански сектор.
Убија надеж и верба.
Денешната апатија, летаргија и политичка депресија (незаинтересираност) на граѓаните е исход од нивното владеење, кое може и тоа како да биде штетно за државата и за контролата врз актуелната власт.
Најкриво ми е што комплетно е изгубен секаков интерес кај јавноста и релеватност кај луѓето за СДСМ – и од таа гледна точка, го поддржувам секој и сечиј напор да се наметнат промени, да се отстрани ова раководство, да се извади партијата од приватните и тесните интереси на еден криминоген клан и таа да се врати во рацете на вистинските членови, гласачи и посветени граѓани.
(Фејсбук статус на авторот)