БАНКАР СИ ГИ „ПУМПАЛ“ КРЕДИТНИТЕ ЛИМИТИ Службеник го искористил системот и ќарил над 650.000 денари
Полицијата тврди дека осомничениот ја користел службената позиција за лична и семејна корист, зголемувајќи лимити на кредитни картички без одобрение.
Службеник во банка во Битола е осомничен дека ја злоупотребил својата позиција за лична корист, зголемувајќи ги лимитите на кредитни картички и стекнувајќи незаконска имотна корист од над 650 илјади денари, соопшти полицијата.
СВР Битола поднесе кривична пријава против 35-годишниот М.С. од Прилеп, кој работел како службено лице во банка во Битола. Според истрагата, тој во неколку наврати неовластено ги зголемувал лимитите на својата кредитна картичка и на т.н. специјален лимит, а истовремено го зголемил и лимитот на кредитната картичка на својата сопруга.
Освен тоа, полицијата наведува дека осомничениот извршил и незаконско зголемување на својот имот, како и на имотот на сопругата и мајката, со што за себе и за своето семејство обезбедил вкупна материјална корист од 657.400 денари.