ЕУ-вето потпикнато под тепих – повторно

Многумина сега поставуваат прашање дали синоќешните преговори всушност покажуваат многу повеќе од само недоволно и несоодветно согледување на вистинскиот обем на кризата. Се чини дека сѐ повеќе се јавува и одреден воен замор околу масата на лидерите на ЕУ. Иако војната, сепак, се води во Украина, и украинскиот народ е тој што страда.

1,331

Европа, според германскиот канцелар Мерц, го покажа својот суверенитет со тоа што се согласи на заеднички долг. Но ситуацијата е многу повеќе деликатна од едноставно повикување на заедништво. Три ЕУ-членки, Унгарија, Словачка и Чешка, одбија да учествуваат и ќе бидат ослободени од каква било одговорност поврзана со заедничкото задолжување за финансирање на Украина.

За таков исход се „тргуваше“ со ЕУ-ветото, кое и овојпат во доцните ноќни преговарачки часови беше потпикнато под тепих во бриселските салони. Не е првпат тоа да се случува поради потребата да се даде приоритет на повисоки интереси, но сепак останува отворено прашањето колку заемот за Украина е „заеднички“, и дали навистина е израз на европското заедништво.






Камбаните бијат за Европа, се предупредуваше на многу места во ЕУ во пресрет на донесувањето одлука од страна на европските лидери за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина.

Беше впечатливо дека група европски лидери, малку „олеснета“, застана пред медиумите по вечерата во Берлин во понеделникот со американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Притоа, финскиот претседател Александар Стуб изјави дека „САД се наш сојузник и се исплати да им верувате на вашите сојузници“. Домаќинот, Фридрих Мерц, зборуваше за „вистинска шанса за мир“. Другите лидери на ЕУ изгледаа подеднакво задоволни: САД останаа на нивна страна, ветувајќи дека ќе понудат безбедносни гаранции за Украина.

„Како да одлучиле трајно да бидат измамени“. Така беше забележано во низа медиумски коментари. Затоа што изјави со такви тонови се веќе слушнати и претходно. За потсетување, на почетокот на февруари годинава американскиот потпретседател Џ.Д. Венс отиде во Минхен за да им одржи лекција на пријателите на Америка. Неколку недели подоцна, Доналд Трамп и неговиот потпретседател го понижија Володимир Зеленски во Белата куќа.

Како реагираа лидерите на ЕУ на ова? Летаа преку Атлантикот и се натпреваруваа во додворување на американскиот претседател. Но колку Трамп, всушност, го зголеми притисокот врз Владимир Путин? Наместо тоа, тој пред Путин го развлече црвениот тепих во Алјаска во август.

Во меѓувреме, Брисел речиси целосно „клапна“ во трговската војна на Трамп – повеќе или помалку експлицитно за да ја купи поддршката на Вашингтон за безбедносната политика. И каква беше наградата за тоа?

Претседателот на САД одби да му продаде ракети „Томахавк“ на Зеленски. Во ноември, неговиот доверлив дипломатски претставник, Стив Виткоф, се сретна во Мајами со преговарачот на Путин, Кирил Дмитриев, за да изработи мировен план што би можел да му се допадне на рускиот лидер. И за да се заокружи сè, администрацијата на Трамп објави безбедносна стратегија оваа недела во која ги осуди сојузниците на Америка и веднаш беше прифатена од Кремљ.

Во интервју минатиот викенд, Доналд Трамп ги нарече лидерите на ЕУ „слаби“. Се разбира, не е тешко да се констатира зошто дошол до таков заклучок.

Затоа се сметаше дека европските лидери на самитот во Брисел околу замрзнатите руски средства можеа да покажат дека не се такви – и дека навистина требаше да ја искористат шансата. Белгијците, кои управуваат со голем дел од руските пари, се испречија на патот, бидејќи се загрижени дека ќе мора да ја платат сметката доколку планот биде одбиен на суд.

Но, едновремено Брисел сакаше да покаже дека другите земји-членки можат да се согласат ризикот да биде споделен. Германците беа најупорни. Мерц упорно потенцираше дека во секој случај треба да биде можно да се постигне договор. За доброто на Украина, и за доброто на самата ЕУ и нејзиното единство.

Но атмосферата во седиштето на Унијата во Брисел сепак заврши со постудени тонови. По шеснаесет часа преговори, предлогот за користење на замрзнатите средства на руската централна банка, за давање заем за Украина, беше отфрлен. Планот имаше силна поддршка од скандинавските земји, од трите прибалтички земји, и од Германија, Полска и Холандија. Од друга страна, во дел од источноевропските членки расположенијата беа поинакви. И влечеа во спротивна насока.

Многумина сега поставуваат прашање дали синоќешните преговори всушност покажуваат многу повеќе од само недоволно и несоодветно согледување на вистинскиот обем на кризата. Се чини дека сѐ повеќе се јавува и одреден воен замор околу масата на лидерите на ЕУ. Иако војната, сепак, се води во Украина, и украинскиот народ е тој што страда.

Причините за загриженост не се намалуваат. Нема да биде мал бројот на оние кои Унгарија, Чешка и Словачка ќе сакаат да ги нарекуваат како тројански коњи на Путин. Европската економија е нестабилна, а веќе подолго време популистичките партии растат во повеќе земји. Напоредно на тоа се чини дека и американскиот режим застанал на страната на Москва во украинскиот конфликт.

Токму затоа борбата за зачувување на европското единство нема да престане. ЕУ, на долг рок, ќе мора да се соочи со потребата од изнаоѓање потрајни решенија за финансирање на Украина. Не е исклучено прашањето за замрзнатите средства на Русија повторно да биде поставено на лидерската агенда во Брисел.

Но, во меѓувреме и функционирањето на евроинтеграциите ќе продолжи да биде оптоварено со недоумици и недоследности. Виктор Орбан повторно се покажа дека е „тврд орев“ во преговорите, кој не се двоуми за да се закани со ставање вето на одлуките што се носат во Брисел. Познат е случајот кога пред извесно време беше „замолен“ да излезе од лидерската средба во Брисел и да се напие кафе, дозволувајќи со тоа да биде донесена одлука без да биде кренато унгарско вето.

Едно е сепак сигурно. Неизвесноста која останува зад кулисите во Брисел веројатно не ќе може да остане запретана под тепихот. Каква ќе биде судбината на правото на користење на ЕУ-вето, и на неговото „заобиколување“ според потребите, е прашање кое сѐ помалку оди во прилог на тврдењата дека ЕУ, и покрај забележливите внатрешни несогласувања и разидувања, и понатаму ќе наоѓа сили и ќе успева да го запази своето единство.

И дека ќе продолжи да тврди дека зборува со – еден глас.

Поврзани содржини