ЌЕ РЕАГИРАМЕ, МУ РЕКОЛ ПУТИН НА ОРБАН Москва следи кој во ЕУ ќе гласа за замрзнување руски имот
Рускиот претседател Владимир Путин исто така му рекол на унгарскиот колега дека Москва ќе ја земе предвид индивидуалната позиција на секоја земја-членка на ЕУ.
Премиерот на Унгарија Виктор Орбан откри дека во кореспонденција со рускиот претседател Владимир Путин добил уверување дека Москва ќе одговори со сите законски средства на евентуалното замрзнување на руски имот од страна на ЕУ. Путин исто така рекол дека Москва ќе ја земе предвид индивидуалната позиција на секоја земја-членка на ЕУ.
Пред утрешниот самит на ЕУ во Брисел, Орбан изјави дека конфискацијата на овие средства би ја изложила Белгија на сериозна опасност, бидејќи го нарушува меѓународното право и ги загрозува белгиските компании кои управуваат со тие средства.
Орбан упати предупредување до Белгија да не се согласи со плановите на Европската комисија за користење на замрзнатите руски државни активи за помош на Украина, пренесува ДПА.
– Секој судски спор ќе биде изгубен и на крајот некој ќе мора да ги врати конфискуваните средства – порача Орбан.
Планот на ЕУ предвидува средствата на Руската централна банка да се користат за долгорочни заеми за Украина. Улогата на Белгија е клучна бидејќи белгиската компанија „Јуроклир“ (Euroclear) управува со околу 185 милијарди евра од вкупно 210-те милијарди евра замрзнати руски средства во Унијата.
Иако одлуката теоретски може да се донесе со квалификувано мнозинство, Унгарија останува на ставот дека нема да го поддржи овој предлог на претстојниот самит, каде идејата ја ужива поддршката на германскиот канцелар Фридрих Мерц и други влијателни европски лидери.
Според извори, владите и институциите на ЕУ ќе се обидат да постигнат одлука со квалификувано мнозинство, што значи дека не е потребна едногласна согласност од сите 27 држави.