ПОЧИНА ЅВЕЗДАТА ОД „ЕВТИНИ ПРИКАЗНИ“ И „МАСКАТА“ Питер Грин пронајден мртов во својот стан во Њујорк

Актерот познат по улогите на мрачни негативци бил пронајден мртов во својот дом во Њујорк, а причината за смртта засега е непозната

663

Американскиот актер Питер Грин, препознатлив по улогите на мрачни и харизматични негативци, е пронајден мртов во својот стан во Њујорк. Тој имаше 60 години.

Веста за неговата смрт ја потврди неговиот менаџер Грег Едвардс, кој со емотивни зборови се прости од актерот.






– Тој навистина беше еден од најголемите актери на нашата генерација. Имаше огромно срце и беше исклучителен пријател. Многу ќе ми недостасува – изјави Едвардс за „Њујорк пост“.

Според полициските информации, Грин бил пронајден без знаци на живот во својот стан во квартот Лоуер Ист Сајд, во петокот околу 15:25 часот. Смртта била констатирана на лице место, а од полицијата соопштија дека засега нема индиции за насилна смрт. Причината за смртта сè уште не е објавена.

Питер Грин зад себе остави кариера долга повеќе од три децении, во која најчесто толкуваше улоги на опасни и комплексни ликови. Најмногу ќе биде запаметен по улогата на садистичкиот чувар и сериски убиец Зед во култниот филм на Квентин Тарантино „Евтини приказни“, како и по ликот на гангстерот Доријан Тајрел во филмот „Маската“, каде глумеше заедно со Џим Кери.

И покрај долгогодишната кариера, Грин и понатаму беше активен во филмската индустрија. Во јануари требаше да започне со снимање на трилерот „Маскоти“, во кој требаше да се појави заедно со Мики Рурк.

Поврзани содржини