📽️ ФАНОВИТЕ БЕСНИ, СТОЛЧИЊА ЛЕТАА НА ТЕРЕНОТ Меси замина по 20 минути, навивачите лути и разочарани

Турнејата на Лионел Меси во Индија започна со инцидент на стадионот „Солт Лејк“ во Калкута, каде навивачите ги кршеа седиштата и го создадоа хаосот, а главниот министер на Западен Бенгал се извини.

180

Турнејата на Лионел Меси низ Индија започна во хаотична атмосфера. На стадионот „Солт Лејк“ во Калкута претпладнево навивачите ги кршеа седиштата и ги фрлаа на теренот по кратката посета на фудбалерот на Аргентина и Интер Мајами.

Меси е во Индија како дел од турнејата за време на која треба да присуствува на концерти, младински фудбалски клиники, турнир во падел и да започне добротворни иницијативи на настани во Калкута, Хајдерабад, Мумбаи и Делхи.

 






Според извештаите во индиските медиуми, победникот на Светското првенство во 2022 година прошета по теренот на стадионот на кој беше откриена 20-метарска статуа со неговиот лик. Тој им мавташе на навивачите, опкружен со голема група луѓе и си замина 20 минути по неговото пристигнување.

 

– Само лидери и актери го опкружуваа Меси… Зошто тогаш нè повикаа? Плативме билет 100 фунти, но не можевме ниту да му го видиме лицето – изјави еден разлутен навивач.

 

Главниот министер на државата Западен Бенгал, Мамата Банерџи, му се извини на Меси и нареди истрага за инцидентот.

– Длабоко сум вознемирен и шокиран од лошото управување што беше забележано денес на стадионот „Солт Лејк“. Искрено му се извинувам на Лионел Меси, како и на сите љубители на спортот и неговите фанови, за несреќниот инцидент – објави Банерџи на X

Во минатото, Диего Марадона двапати ја посети Калкута и во 2017 година откри своја статуа како го држи трофејот од Светското првенство, во присуство на илјадници фанови.

Поврзани содржини