ЈАПОНИЈА ИЗДАДЕ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА „МЕГАЗЕМЈОТРЕС“ Се стравува дека ќе се повтори 2011 година

Службениците нагласуваат дека најновото предупредување не предвидува кога или каде би можел да удри мегаземјотрес.

159

Јапонија издаде предупредување за мегаземјотрес откако пред два дена земјотрес со јачина од 7,5 степени го погоди источниот брег на Аомори, најсеверната префектура на главниот остров Хоншу.

Службениците изјавија дека шансата за земјотрес појак од 8 степени е само 1%, но се надеваат дека предупредувањето ќе осигури дека јавноста е подготвена во случај на силен земјотрес што би можел да предизвика уништување како катастрофата во 2011 година во која загинаа речиси 20.000 луѓе.






Беше истакнато дека постои зголемен ризик од земјотрес од 8 степени, поради што беше испратен апел до населението да биде подготвено.

Јапонската метеоролошка агенција (JMA) соопшти дека силниот земјотрес во понеделникот привремено го зголемил ризикот во регионот Хокаидо и по должината на брегот Санрику. Во тие области, Тихоокеанската плоча под Јапонија формира два ровови – Јапонскиот ров и Чишимскиот ров – кои предизвикале многу големи земјотреси во минатото.

Експертите велат дека смртоносниот земјотрес и цунамито од 2011 година предизвикале поместување по Јапонскиот ров. Тој ров се протега од брегот на префектурата Чиба до Аомори, додека Чишимскиот ров се протега од источниот брег на Хокаидо до северните острови и Курилските Острови.

Објаснувајќи го новото предупредување, JMA потсети дека земјотресот со магнитуда од 9,0 степени во 2011 година се случил два дена по земјотресот со магнитуда од 7,3 степени што ја погоди областа Јапонски ров покрај брегот на префектурата Ивате, еден од најтешко погодените региони и во таа катастрофа и во земјотресот во понеделник.

Земјотресот од 2011 година предизвика цунами што ги погоди крајбрежните градови во префектурите Ивате, Мијаги и Фукушима. Цунамито, кое достигна висина од 15 метри во некои области, ја оштети нуклеарната централа Фукушима Даичи.

Според владините проценки, нов мегаземотрес во близина на брегот на областа Хокаидо-Санрику би можел да предизвика цунами во висина до 30 метри, да убие до 199.000 луѓе, да уништи до 220.000 куќи и згради и да предизвика економска штета до 31 трилион јени (198 милијарди долари).

Областите опфатени со предупредувањето се протегаат низ 182 општини – од Хокаидо до префектурата Чиба.

Службениците нагласуваат дека најновото предупредување не предвидува кога или каде би можел да удри мегаземотрес.

Жителите се предупредени да бидат внимателни и подготвени, но и да продолжат со својот секојдневен живот и работа. Им беше советувано да имаат торба за итни случаи со залихи за неколку дена, заедно со чевли и шлем. Жителите треба да се договорат за план за евакуација со членовите на семејството и да спијат во дневна облека, а не во пижами, за да бидат подготвени веднаш да избегаат. Исто така, се препорачува мебелот да се прицврсти на подот или ѕидовите.

Поврзани содржини