МОН ВОВЕДУВА НОВИ СТИПЕНДИИ ЗА СТУДЕНТИ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК Износите се по 9.000 и 18.000 денари
Студентите кои ги исполнуваат условите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на е-услуги на МОН, заклучно со 9.1.2026 година.
По воведувањето на стипендии за стимулирање на средношколците за упис на прв циклус на студии по македонски јазик за тековната академска година, Министерството за образование и наука оваа година исто така за прв пат ќе додели и 7 стипендии за втор и 5 стипендии за трет циклус на студиски програми за изучување на македонскиот јазик.
Конкурсите се веќе објавени, информира МОН.
За стипендија за втор циклус на студии чиј износ е 9.000 денари и се доделува 9 месеци во годината, можат да аплицираат државјани на Македонија, кои имаат завршено прв циклус на студии со најмалку 8 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на втор циклус за прв пат во академската 2025-2026 година и да не се корисници на стипендија од други даватели.
Кандидатите пак, за стипендија за трет циклус на студии чиј износ е 18.000 денари и се доделува 12 месеци во годината, треба да се државјани на Македонија со завршен втор циклус на студии со најмалку 8 просечен успех, да се запишани на акредитирана студиска програма по македонски јазик на трет циклус за прв пат во академската 2025-2026 година, да не се корисници на стипендија од други даватели и да имаат две препораки од универзитетски професори.
Аплицирањето е исклучиво електронски. Студентите кои ги исполнуваат условите треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на е-услуги на МОН, заклучно со 9.1.2026 година.