Да учевме…

Деновиве истите политиканти повторно го развиваат срамното сценарио на „бомбите што ја урнаа власта“, наивно верувајќи дека навистина тоа се случило, но и дека ќе се случи повторно. Таа македонска политикантска епизода ќе остане запишана во аналите на најголемите политички манипулации во Македонија, сценарио и режија за коишто „Вотергејт“ е само цртан филм

82

Да учевме малку повеќе од личностите и датумите коишто (божем) ги славиме, македонското општество ќе изгледаше многу поинаку. И да ги почитувавме малку повеќе – или онолку колку навистина заслужиле и нè задолжиле – нивниот придонес, значење, често и жртва…, ќе бевме многу подобри луѓе: чесни, морални, искрени, отворени. Зашто и тие чии имиња и дела (божем) ги славиме и оние датуми на кои им се поклонуваме, биле такви. Дури и чествувањето во македонските храмови, оние духовните, но и оние световните, на демократијата што ја немаме, ќе беше подостоинствено. Зашто, секојдневието покажува дека нашата почит е будна додека трае свечената академија или положувањето на цвеќе. Потоа, сè се заборава.

Меморијата ни е кратка, речиси и ја нема во „обични денови“, па дури ни во оние судбинските, кога се одлучува за суштински нешта. И не е само Св. Климент во прашање или можеби и светите Кирил и Методиј во мигови кога на вагата на историјата го мериме нивниот придонес и незаборавно дело и дневниот „реализам“ (да не речам опортунизам или калкулантство), кога дури наоѓаме оправдување за сосема спротивни чекори и (не)дела.






Инаку, ќе го потпишеа ли оној срамен договор за пријателство и добрососедство (малите букви соодветствуваат на неговата ништожност), ќе се повикуваа ли на „обврските“ од него 360 дена во годината, за да во оние преостаните славенички 4-5 денови се поклонуваат пред ликот и делото на оние кои ни дале писменост, култура, идентитет…? Тоа никако не може да се нарече политички реализам, туку само некултура, неморал, отпадништво, духовна беда… Или циничен парадокс на оние кои неовластено го потпишаа тој договор, а сега прашуваат кој кому дал дозвола за некакви мигранти? Впрочем, ќе агитираа ли, онака најпростачки, низ нивните „медиуми“ во полза на некакво клекнување на колена, откажување од сè што сме го сметале за свето, ќе ни сервираа ли некакви полуписмени „новинарчиња“ секакви „гости“ од соседството кои (божем) нè убедуваат дека „ние сме најблиски“, но не забораваат да потсетат дека „Прво – нема да има дополнителни услови надвор од оние што се веќе договорени во компромисот“! А сите глумат дека не знаат што е договореното.

Ако имаме, како што велиме, свет долг кон основоположниците на македонската писменост, култура и идентитет, но и кон оние кои ги дале животите во одбрана на тој долг, каде е тој долг денес, како го „отплаќаме“? Со свечени академии и положување цвеќе?

И каква е онаа демагогија на нашана Црвенкапче на привремена работа во нато (малите букви се…) кога вели дека тие многу внимателно ги следат „(…) обидите на злонамерното влијание на Русија да се меша во домашните и регионалните процеси“? А другите, соседните „влијанија“? И какви навистина „дополнителни расцепи во нашите општества“ ќе создадат „политиките“ што ни ги диктираат токму тоа нато и онаа еу (малите букви се…)? Или нивните „рецепти“ за откажување од сè што ни било свето ќе нè направи „држава што вреди да се турка“ (како што „подучува“ еден „аналитичар“)?

Која ќе биде и каква ќе биде таа „држава“, кои и какви ќе бидат нејзините темели ако во нив го нема сето она што до вчера сме го чествувале, славеле, почитувале…?

Деновиве истите политиканти повторно го развиваат срамното сценарио на „бомбите што ја урнаа власта“, наивно верувајќи дека навистина тоа се случило, но и дека ќе се случи повторно. Таа македонска политикантска епизода ќе остане запишана во аналите на најголемите политички манипулации во Македонија, сценарио и режија за коишто „Вотергејт“ е само цртан филм ала „Том и Џери“. А всушност, најтрагичниот кадар во тој филм беше наивната македонска јавност – не исклучувајќи се ни себеси – „врекната“ во оскаровската монтировка во „бомбите“ надополнета со уверливата сценографија, актерска екипа и режија, спремна веднаш да постави бесилки на Плоштад „Македонија“. Илузиите на таа јавност за некаква правда, демократија и морална држава многу бргу се распрснаа како меур од сапуница. И останавме со празни раце реформирана држава и полна уста прогрес од главните актери. И полни џебови, разбира се – нивни. Македонското општество уште долго ќе ги отплаќа тие со ништо поткрепени илузии, но не само фигуративно, туку и конкретно кога ќе започнат да стасуваат пресуди од Стразбур!

Да учевме од историјата, ваквите сцени што потсетуваат на некои други мрачни времиња ќе ги немавме!

И сега, речиси истата екипа, одново најавува „бомби“, а грбот на „лидеро“ го штити група млади, непознати, но за политика очигледно гладни луѓе. Или гладни за нешто друго? Ќе видиме, но за жал, како тие да не можат да видат дека таму станува збор за сè друго освен за – политика!? А прво станува збор за подло, неетичко и неморално подметнување на група млади на првата боребена линија на политикантскиот фронт, во одбрана на личните позиции, статус, но и иднина на само неколкумина од врхушката. Таквата злоупотреба е познат рецепт на „продукцијата сдсм“ (малите букви се…), само актерите се менуваат.

И сето ова де факто ни се случува помеѓу две или повеќе славења на минатото, две чествувања на светите ни личности и/или датуми…

Поврзани содржини