ВОЗАЧИТЕ ПОВЕЌЕ ГЛЕДААТ ВО ТАБЛИТЕ ОТКОЛКУ ВО ПАТОТ „Сејф Сити“ го зголеми бројот на верижни судари
Тест-периодот на системот за контрола на брзината го намали бројот на тешки сообраќајки, но донесе нов предизвик, зголемен број верижни судири со полесни повреди.
Тест-периодот на системот „Сејф Сити“ ја намали бројката на сообраќајни незгоди со тешки последици, но го зголеми бројот на верижни судири низ Скопје. Според податоците од скопската Брза помош, откако стартуваше пробното функционирање на системот за следење и казнување сообраќајни прекршоци, регистрирани се повеќе повици за сообраќајки со лесни повреди, во кои учествувале по неколку возила.
Причината, велат од Брза помош, е што возачите наместо да се концентрираат на патот, го забиваат погледот во брзинометарот, стравувајќи да не ја надминат дозволената брзина што ја следи системот, објави Сител.
„Повеќе вниманието на возачите е насочено кон тоа колку брзо возат. Погледот им е на таблата пред нив, па наместо на патот, тие се концентрирани на бројките. Поради наглите кочења се случуваат верижни сообраќајки, каде неколку возила по ред се судираат. Со почетокот на пробниот период на ‘Сејф Сити’ немаме несреќи со тешки последици како претходно, но се појави проблем во функционирањето на сообраќајот“, изјави д-р Александра Пејовска, шеф на смена во Брза помош – Скопје.
Паралелно со сообраќајните интервенции, Брзата помош бележи и зголемување на повиците од лица со хронични заболувања. Нестабилните временски услови предизвикале компликации кај пациентите со астма и ХОББ, а лекари алармираат и за раст на бројот на мозочни удари во последните денови.