МЕРЦ, ТИ ВООПШТО НЕ СИ ВО ИГРАТА Пратеникот на Путин ја исмеа Германија откако протекоа разговори
Главниот прегoварач ги коментираше наводите на германски „Шпигел“ кој напиша дека во протечен телефонски разговор германскиот канцелар на украинскиот претседател му рекол дека американските преговарачи си играат и со Европа и со Украина.
Русија реагираше со потсмев на наводниот коментар на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој, според „Шпигел“, изразил недоверба кон европските лидери за способноста на американските претставници да преговараат за мир во Украина.
Кирил Дмитриев, специјален пратеник на Владимир Путин, на платформата Икс му се обрати директно на германскиот лидер:
„Драг Мерц, ти воопшто не си во играта. Се дискредитираш себеси со поттикнување војна, со саботирање на мирот, со нереални предлози, со самоубиство на западната цивилизација и со тврдоглава глупост“, напиша Дмитриев.
Според германското списание, Мерц, алудирајќи на американските преговарачи, му рекол на украинскиот претседател Зеленски:
– Тие играат игри со тебе и со нас.
Портпаролот на германската влада изјави дека не може да се коментираат доверливи разговори.
– Не даваме коментари на поединечни медиумски извештаи – додаде тој, потсетувајќи дека Мерц на прес-конференцијата со полскиот премиер Доналд Туск нагласил дека трансатлантската заедница мора да остане обединета.
Дмитриев, кој во минатото воспостави контакти со администрацијата на Доналд Трамп, се смета за дипломат кој често користи економски стимулации во преговорите за да ја промовира руската позиција.