ПОВОД ЗА ВОЈНА Е АКО ЕУ ГИ ЧЕПНЕ ЗАМРЗНАТИТЕ РУСКИ ПАРИ, ПОРАЧА МЕДВЕДЕВ Белгискиот премиер не сака ни да чуе да ги даде руските милијарди без гаранции од ЕУ за Белгија
Доколку ЕУ, во напад на лудило, сè уште се обидува да украде руски средства замрзнати во Белгија, таквите дејствија, според меѓународното право, би можеле да се сметаат за casus belli, со сите последици што произлегуваат од тоа за Брисел и за одредени земји од ЕУ, напиша потпретседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
Користењето на руските замрзнати средства од страна на Европската Унија ќе се смета за casus belli (повод за војна), вели потпретседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев.
Европската комисија во средата презентираше двегодишен план за финансирање на Украина, а една опција е да се користат руските пари што се замрзнати во Европа.
„Доколку ЕУ, во напад на лудило, сè уште се обидува да украде руски средства замрзнати во Белгија со доделување на она што се нарекува псевдо-заем за репарација, таквите дејствија, според меѓународното право, би можеле да се сметаат за casus belli, со сите последици што произлегуваат од тоа за Брисел и за одредени земји од ЕУ“, напиша Медведев во порака на социјалните мрежи.
Планот на Европската комисија за т.н. „заем за репарации“ предвидува користење на замрзнатите руски средства за исплата на 140 милијарди евра на Украина, за покривање на нејзините финансиски потреби за 2026 и 2027 година.
Меѓутоа, мерката што ја планира ЕУ сè уште се соочува со отфрлање од Белгија, каде што се наоѓаат поголемиот дел од замрзнатите руски милијарди.
Белгискиот премиер Барт де Вевер, во обраќањето пред Федералниот парламент во Брисел во дебатата за предлогот за користење на руските пари за исплата на финансиска помош на Украина рече дека се подготвени на жртви, но од Белгика не може да се бара да го направи невозможното.
– Ние не поставуваме неразумни барања. Белгија никогаш нема да се согласи сама да ги сноси ризиците од таквата постапка – рече Де Вевер и беше поздравен со аплауз од белгиските пратеници.

Де Вевер нагласи дека, иако новите предлози на Европската комисија „еволуираа во корист на Белгија“ во однос на првичниот план, сепак тие сè уште не ги исполнуваат „ниту минималните услови“ на кои инсистира белгиската Влада.
Белгискиот премиер во обраќањето се наврати на ризиците што планот за конфискација на руските средства би ги претставува не само за Белгија, туку и за целата Европска Унија.
Белгија, каде се наоѓаат најголемиот дел од руските пари, речиси 180 милијарди евра, се противи на планот на ЕК, тврдејќи дека нивното користење би можело да го наруши угледот на државата како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски пари. Дополнително, Белгија изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка и бара цврсти гаранции од други земји членки на ЕУ дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да ѝ се вратат на Русија.
Де Вевер во обраќањето изрази загриженост и дека е можно евентуалниот надомест за, како што ја нарече, „нелегалната експропријација“ на руските средства, да ја надмине нивната вкупна вредност.
Тој ги отфрли сугестиите дека е помалку проевропски или проукраински настроен поради тоа што „изразува загриженост“ во врска со планот, потенцирајќи дека Белгија го манифестирала својот конструктивен пристап и со алтернативните предлози што ги изнесе за обезбедување на средствата за помош на Украина.
– Ние сме лојални Европејци. Лојално ја поддржуваме Украина. Секогаш ќе избираме мир, слобода и демократија – порача Де Вевер.