ИРАН ГО УСЛОВУВА НАСТАПОТ НА МУНДИЈАЛОТ Се бараат безбедносни гаранции од организаторите
Иранскиот министер за спорт порача дека учеството на репрезентацијата на Светското првенство 2026 ќе зависи од безбедносната состојба во Соединетите Американски Држави, а конечната одлука ќе ја донесат највисоките државни институции.
Иранскиот министер за спорт, Ахмад Доњамали, изјави дека фудбалската репрезентација на Иран може да настапи на Светското првенство во 2026 година, но само доколку биде целосно гарантирана безбедноста на играчите.
Тој нагласи дека конечната одлука за учество ќе ја донесат владата на Иран и Врховниот совет за национална безбедност.
– Доколку безбедноста на репрезентативците во Соединетите Американски Држави биде обезбедена, ќе настапиме на Светското првенство. Сепак, конечната одлука за учество ќе ја донесат владата и Врховниот совет за национална безбедност на Иран – изјавил Доњамали, пренесува новинската агенција Тасним.
Претходно во јавноста се појавија информации дека Иран размислува за повлекување од турнирот поради зголемените тензии со Соединетите Американски Држави и Израел.
Според актуелниот распоред, Иран треба да настапи во Групата Г заедно со Нов Зеланд, Белгија и Египет.