ТУРЦИЈА СЕ ОБИДУВА ДА ГИ ОБНОВИ МИРОВНИТЕ ПРЕГОВОРИ МЕЃУ РУСИЈА И УКРАИНА Ердоган очекува поголема одговорност од европскиот столб на НАТО
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на НАТО Марк Руте направија сеопфатен преглед на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Анкара на почетокот на јули.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му најави на генералниот секретар на НАТО Марк Руте дека Анкара вложува напори за обновување на мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Ердоган порача и дека очекува Алијансата да преземе поголема одговорност за трансатлантската безбедност.
За време на денешната средба во претседателската палата „Бештепе“ во Анкара, која се одржа зад затворени врати, двајцата соговорници направија сеопфатен преглед на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Анкара на почетокот на јули.
Ердоган нагласи дека одржувањето на трансатлантската врска е од исклучително значење и дека Турција очекува европскиот столб на Алијансата да преземе поголема одговорност.
– Исклучувањето на европските сојузници кои не се членки на ЕУ од одбранбените иницијативи на Унијата нема да придонесе кон таа цел – порача Ердоган.
На средбата присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за одбрана Јашар Ѓулер и главниот советник Акиф Чагатај Килич.
Руте претходно, при посетата на компанијата „Аселсан“, увери дека Алијансата секогаш ќе го прави неопходното за да ја заштити Турција.
– Иран сее терор и хаос, а тоа силно се чувствува тука во Турција. Изминатите недели НАТО успешно пресретна 4 ирански балистички ракети насочени кон Турција – потсети Руте.
Додаде дека Алијансата е подготвена за вакви ситуации, особено во контекст на тензиите во поширокиот регион кај Ормускиот Теснец и Блискиот Исток.
На самитот на НАТО во јули се очекува да учествуваат околу 6.000 претставници на земјите членки, во време на зголемени глобални конфликти.