Камерите се криви

Во Македонија гинат 120 до 150 луѓе годишно. Болна вистина е дека третина од нив се помлади од 35 години. За илустрација: сите сме, со право, во шок од несреќите во Кочани, Ласкарци, модуларната болница и автобусот на Беса Транс, но игнорираме дека сите тие трагедии заедно даваат ист број жртви како што дава непрописното возење – секоја година.

651

Знаевте дека денот има 86.400 секунди? Некој знае, некој не. А кога тие 86.400 секунди ќе се поделат со 26.000 прекршоци, добиваме една бизарна равенка: на секои десет секунди, во просек, тројца во Скопје прекршуваат сообраќајно правило. Ако сакате симболика – ете ја, совршена дијагноза за нашата возачка култура. Но, наместо луѓето да кажат „ова е страшно, да видиме што не чини“, колективната енергија се истури во друга насока: камерите не биле прецизни, казните биле превисоки, а Safe City бил „нов рекет“. Нашата сегашна култура просто ни налага: ние сме совршени и безгрешни, „системот е погрешен“. Уште да сфатиме дека сме дел од системот, и имаме услов за градење нормална држава.

Што е со таа фамозна прецизност на камерите во однос на брзината? Кога ќе чуеш некој како тврди дека камерата греши 10 km/h, сфаќаш дека за него технологијата е мистична алатка што ја контролира длабока држава. Во реалност, камерите имаат строго дефинирана маргина на грешка – најчесто помала од 2% – и работат токму според европските стандарди што другите земји ги имаат усвоено уште на почетокот на веков. Никој не те казнува за 51 km/h на улица со ограничување 50. Те казнува ако тие 51 km/h се надвор од рамките на толеранцијата (што значи можеби си возел и со 53). Толеранцијата е вградена во системот, но кај нас е полесно да се посомнева во камерата отколку во сопственото возачко однесување. Како што реков: ние сме совршени, овојпат се криви камерите.






А што е со ситуацијата кога исто возило е снимено од две различни камери во краток временски интервал? Тоа е класичен пример каде што егзактноста мора да се сретне со правичноста. Во нормалните системи, ваквата ситуација се третира како еден продолжен прекршок, а не како два независни. За волја на вистината, не знам дали ова е решено во Safe City, па порака до инженерскиот тим, доколку не е – да се реши. Технички, спојувањето на овие два настани е банално: timestamp matching, 20 нови реда софтвер и здраворазумска логика. Но мора да биде пропишано законски. Кај нас, бидејќи сè е потенцијално „рекет“, мора да се елиминира секоја сенка на сомнеж – не само да биде правилно, туку и да делува така за јавноста. Строгост да, но удвојување без логика – никогаш.

Сега да ја разгледаме самата филозофија зад казнената политика… Ова е погрешно по дизајн, и сметам дека треба да се смени. Причината е едноставна: навлегуваме во суштинскиот апсурд – фиксни казни врзани за произволни опсези, наместо процентуално мерење. Така некој возел 62 km/h, друг 78 km/h – и двајцата влегуваат во ист „казнен опсег“ при ограничување од 50 (11 до 30 над дозволеното). Со оглед на тоа дека ја разбирам физиката, ќе спомнам само дека пренесената кинетичка енергија при судар е пропорционална со квадратот на брзината. Брзина од 62 има околу 50% можност за фатален крај на пешак, додека 78, овој процент скока на 75, според повеќето меѓународни студии за удар врз пешак! Тоа не е правичност, тоа е механичка администрација.

Ако сакаме нормален систем, треба да зборуваме во проценти. Ако камерата пријави +13%, а нејзината маргина на грешка е 2%, тогаш реалниот прекршок е +11%. Едноставно, математички, чисто. Нема простор за импровизација, расправии, за „јас не сум толку брз бе“. А бројките не се караат – само покажуваат. И казнената политика се врзува со тој процент, не со фиксна вредност. На пример, секој процент се наплаќа 30 денари (или половина евро, сеедно). Така, ако сте возеле 60 km/h (со вкалкулирани 2% грешка), тогаш сте возеле со 20% повеќе, односно казната би била 500 денари. Со ова се избегнува и огромната дискрепанција. Сегашното решение вели: при ограничување 50, ако возите со 80, казната е 45 евра; ако возите со 81 – казната е 300 евра! И тука не гледам правичност. Дискретниот модел мора да се замени со процентуален, или со комбинација процентуален плус екстреми (на пример, над 50% прекршокот важат други тарифи, веќе не е половина евро, туку едно евро и слично).

Што е со фиксните казни за други прекршоци – појас, светла, телефон, поминување на црвено? Тука проблемот е поинаков. И сè е своја приказна. Неносењето појас во град, каде просечната брзина е околу 28 km/h, не може да се третира исто како на автопат; ризикот е различен, ситуациите различни, а казната идентична. Може да се земе предвид дури и фактот дека неносење појас го става под ризик самиот возач повеќе отколку други лица, но не би го образложувал тоа. Згаснатите светла најчесто се заборав, не намера како брзото возење. Згаснати светла на високо осветлен булевар, лесно е да не се забележат од возачот. Тука повеќе би одел во насока на опомена, не казна (на пример СМС порака). Телефонот, пак, е нешто сосема друго – реална опасност, и таму казните треба да одат во спротивна насока: построго, не поблаго. Поминувањето на црвено е висок ризик, најчесто комбиниран со брзината, и треба да биде висока казна, можеби пропорционална со брзината. Во секој случај, фиксните цени за нееднакво ризични ситуации не прават систем; прават чувство на неправда.

И на крај, што е со најголемиот проблем – културата? Ако имаме 26.000 прекршоци дневно, просечно еден на секои три секунди, тогаш камерите не се проблемот. Камерите само го покажуваат она што одамна го знаеме, но избегнуваме да го признаеме. Нашиот возач не сака правило; сака исклучок. Во Македонија гинат 120 до 150 луѓе годишно. Болна вистина е дека третина од нив се помлади од 35 години. За илустрација: сите сме, со право, во шок од несреќите во Кочани, Ласкарци, модуларната болница и автобусот на Беса Транс, но игнорираме дека сите тие трагедии заедно даваат ист број жртви како што дава непрописното возење – секоја година. Повторувам: секоја година. И имаме дрскост и глупава смелост да коментираме дека „казните се големи“!

Да резимирам: Safe City е новороденче, и ќе има „детски болести“ што треба да се прележат. И секако ќе има инфантилни политичари кои ќе се обидат и од тоа да прават политички поени. Но Safe City не е скандал; скандал е што на политичката сцена има луѓе способни да го претстават редот и законитоста како закана.

Поврзани содржини