ПАЃА „СИВАТА ЕМИНЕНЦИЈА“ ВО УКРАИНА Јермак даде оставка, Зеленски најави реконструкција

Украина во овие околности не смее да прави грешки, истакна украинскиот претседател најавувајќи реконструкција по оставката на неговиот шеф на кабинет. Зеленски додаде дека „Русија навистина сака ние да грешиме, но од нашата страна нема да има грешки“.

769

Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, поднел оставка неколку часа по драматичната рација што ја спровеле истражителите од Националното биро за борба против корупцијата во неговата резиденција. Според изјавата на Зеленски, објавена во видео-порака на Телеграм, заминувањето на Јермак е дел од поширок процес на „реконструкција на претседателската функција“.

– Украина во овие околности не смее да прави грешки – истакнал Зеленски, додавајќи дека „Русија навистина сака ние да грешиме, но од нашата страна нема да има грешки“.






Националното биро за борба против корупција (НАБУ) потврдило дека акцијата во домот на Јермак е дел од рана фаза на истрага за потенцијални злоупотреби во највисоките ешалони на власта. Иако деталите за предметот засега се држат во тајност, извори од истрагата наведуваат дека се проверува имотот и евентуалните неовластени договори со странски посредници.

Меѓутоа, во украинската јавност ваквиот потег предизвикал бран реакции, бидејќи Јермак со години важел за „сива еминенција“ и доверлив стратег на Зеленски, човекот кој го обликувал неговиот меѓународен имиџ и линијата на комуникација со Западот.

Сепак, според локалните аналитичари, оставката на Јермак може да биде обид на Зеленски да покаже решителност пред западните партнери и да ги одржи антикорупциските стандарди во момент кога земјата сè уште зависи од нивната поддршка.

Поврзани содржини