ЛЕКАРИТЕ СЕ ПРЕБРОЈАНИ, СЕГА ЌЕ СЕ ПРЕБРОЈУВА И ОПРЕМАТА Анализата покажала дека распределбата на медицинскиот персонал не е соодветна
Регистарот за здравствени ресурси е првиот чекор кој веќе е направен и се знае колку човечки капацитети има во државата, односно се знае каде и колку доктори имаме, нешто што не е направено над 30 години.
Ќе се прави и регистар на опрема, апаратура и инфраструктура, со кој што ќе знае со што реално располага здравството во Македонија, најави министерот Азир Алиу во интервју за ТВ Телма.
– Со колку метри-квадратни располагаме, со колку и каков тип на апаратура располагаме, тоа веќе го правиме – рече Алиу и додаде дека со јасно дефинирани човечки и инфраструктурни капацитети, врз основа на податоци, ќе може да се креираат политики во здравството за наредните десет години.
Според него, политиките креирани во здравствениот систем се нефлексибилни и стари, со оглед дека има закони во здравството кои не се променети со децении.
Регистарот за здравствени ресурси е првиот чекор кој веќе е направен и се знае колку човечки капацитети има во државата, односно се знае каде и колку доктори имаме, нешто што не е направено над 30 години.
– Вистински реформски политики во здравствениот систем започнуваат кога ќе се скенира актуелната состојба од инфраструктурна гледна точка и од најважниот екосистем во здравството, а тоа се човечките капацитети. Во овој момент ние имаме вкупно 15.529 доктори, од кои 14.940 се лиценцирани, додека 599 се во фаза на релиценцирање – соопшти Алиу и додаде дека овој регистар на здравствени работници ќе биде поврзан со централниот дата центар на Министерството.
Министерот појасни дека овој регистар ќе биде алатка која ќе служи како основа за организирање, менаџирање и креирање на здравствени политики. Во моментот анализата покажува дека распределбата на човечките капацитети не е соодветна, а тоа значи дека во некоја установа има повеќе вработени на некое одделение отколку што е реално потребно, а истиот профил во друга установа недостига.
– Според овие анализи кои ги имаме и според националната стратегија која ја креираме заедно со Министерството за образование и наука, ние освен што ќе правиме реорганизација на капацитетите, ќе предвидуваме и колку здравствени профили произведуваме, со цел да можеме да ги вклучиме во систематизацијата на работните места – рече Алиу.