ФАНТАЗИЈА Е ДЕКА УКРАИНА ЌЕ ПОБЕДИ СО УШТЕ ПАРИ И ОРУЖЈЕ ОД САД Непријатна порака од Вашингтон до Киев
Потпретседателот Венс ја критикува стратегијата за бесконечна воена поддршка, додека новиот план на Трамп бара сериозни отстапки од Украина и предизвикува жестока реакција кај Зеленски.
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, порача дека секое решение за запирање на војната во Украина мора да го гарантира украинскиот суверенитет, но и да биде прифатливо за двете страни. Во исто време предупреди дека е „чиста фантазија“ да се очекува победа на Украина само со дополнителни пари, оружје или нов пакет санкции против Русија.
Изјавата на Венс доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп го претстави својот нов мировен план за Украина. Според него, Москва би добила повеќе територии од оние што моментално ги контролира, Киев би се откажал од членството во НАТО, а би се ограничила и големината на украинската армија. Украина доби рок до четврток да одговори дали го прифаќа планот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вчерашното обраќање остро реагираше, оценувајќи дека документот ја става земјата пред „многу тежок избор или губење на достоинството или ризик од губење на клучен партнер“.