СО МЕСЕЦИ ПЛАНИРАЛЕ АТЕНТАТ ВРЗ ГЛАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА БРИСЕЛ Уапсени членови на албанската мафија во Белгија
Главните осомничени имаат криминално досие поврзано со организирана трговија со дрога и се активни во рамките на албанската криминална мафија, соопшти белгиското државно обвинителство.
Осум лица од албанска националност, за кои се верува дека се дел од мафијашка група активна во Белгија, биле уапсени поради сомнеж дека планирале атентат врз главниот обвинител на Брисел, Жулиен Моинил, јавија белгиските медиуми.
Во акцијата што започнала во раните утрински часови, полицијата извршила 18 претреси на различни адреси во Брисел и Лувен.
„Главните осомничени имаат криминално досие поврзано со организирана трговија со дрога и се активни во рамките на албанската криминална мафија“, соопшти белгиското државно обвинителство.
Уапсените во моментов се на распит, додека судот ќе одлучи дали ќе бидат задржани во притвор или ќе се бранат од слобода.
Истражителите потврдиле дека случајот започнал во јули, кога полицијата добила информации за можен заговор за ликвидација на обвинителот Моинил. Поради сериозноста на заканата, нивото на безбедност околу него било веднаш подигнато на највисокото — степен 4, а мерките за заштита биле засилени.
За време на прес-конференција одржана летото, Моинил рече дека секој е изложен на ризик во Брисел.
– Секој, секој жител на Брисел и секој граѓанин, може да биде погоден од заскитан куршум – рече тој, повикувајќи на координирана борба против бандите.