„ПРОТЕЧЕ“ ТАЕН ДОГОВОР СО ЗЕТОТ НА ТРАМП ЗА ГЕНЕРАЛШТАБОТ Србија презела обврска да го урне симболот на бомбардирањето од НАТО

Договорот дава и исклучително поволен услов - бесплатен закуп на земјиштето на 99 години.

362

Владата на Србија и фирмата на Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, лани во јуни потпишале таен договор за развој на луксузен хотелски и станбен комплекс на просторот на поранешниот Генералштаб, објави спрското списание „Радар“, кое дошло до документот.

Според договорот склучен во 2024 година, компанијата на Кушнер, „Атлантик Инкубашн Партнерс“, добива 77,5% од заедничкото вложување, додека Србија задржува 22,5%. Документите покажуваат и дека државата презема обврска до мај следната година да ги урне постојните објекти на локацијата, а во спротивно, американската страна може да го раскине договорот и да побара значителна компензација.






Како што е познато, станува збор за руинираните згради на Генералштабот, историски комплекс разурнат во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, за кој неодамна беше донесен посебен закон (Лекс специјалис) со кој му се одзема статусот на културно наследство. Тоа предизвикаа масовни протести во центарот на Белград.
Засега српската влада не ја демантирала автентичноста на објавените документи. „Радар“ открива дека Србија се обврзала да го симне статусот на културно наследство и да обезбеди уривање на постојните згради во форма што ѝ одговара на компанијата на Кушнер. Договорот дава и исклучително поволен услов – бесплатен закуп на земјиштето на 99 години, со можност закупот да се трансформира во полна сопственост.

Законот ѝ овозможува на владата да ги заобиколи регулаторните процедури кои претходно го стопираа проектот, вклучително и истрагата дали документите за отстранување на заштитениот статус на комплексот биле фалсификувани.

Министерот за финансии Синиша Мали јавно го бранеше проектот, тврдејќи дека станува збор за развојна инвестиција и дека земјиштето не се продава, туку се издава под долгогодишен закуп. Но „Радар“ наведува дека во самиот договор експлицитно стои дека закупот е „без надомест“.

Контроверзниот закон ги засили протестите предводени од студентските групи, кои со месеци излегуваат на улица борејќи се против корупцијата и нетранспарентните јавни проекти. Оваа недела демонстрантите формираа човечки синџир околу комплексот, цртајќи „црвена линија“ за да го блокираат започнувањето на уривањето.

Поврзани содржини