БЕЛГИЈА СТАНУВА НАРКО-ЦЕНТАР НА ЕВРОПА Од тука влегува сета дрога од Јужна Америка
Пратките со кокаин, кој е најчесто шверцуваната дрога преку пристаништата на ЕУ, поаѓаат од Колумбија, Перу или Еквадор скриени во легален товар меѓу гајби со овошје, делови за машини или челични цевки.
Географска положба и пристаништата во Антверпен и Зебриж, низ кои минуваат милиони тони товар, ја направија Белгија „ветена земја“ за шверц на кокаин, хероин и синтетички дроги во Европа, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
– Пристапот до длабоки води, постојаниот транзит на контејнери и слободите што ги нуди Шенген зоната, ја прават земјата сон за трговците со дрога и кошмар за органите за спроведување на законот, се наведува во анализата насловена „Дали Белгија станува првата „нарко-држава“ во Европа?“.
Во текстот се посочува дека само во Антверпен, количеството на заплената на дрога се зголеми од 91 тон во 2021 година, на речиси 110 тони во 2022 година, со што овој белгиски град го надмина холандскиот Ротердам и се зацврсти како центар на трговијата со наркотици во Европа.
– Колку е реална заканата од предупредувањето на судија од Антверпен, кој помина четири месеци во безбедна куќа, дека земјата е во опасност да стане „нарко-држава“? Судијата, исто така, предупреди дека организираниот криминал се инфилтрира во пристаништата, полицијата, па дури и во судството, а мафијашките мрежи дејствуваат како паралелна структура. Пристаништата во Белгија остануваат клучна точка за влез на дрогата во Европа, а нејзините улици ја плаќаат цената од тоа, се додава во текстот.
Во анализата се посочува дека нарко трговијата почнува далеку од Европа, но постојат разработени шеми за транспорт на дрогата до европското тло.
Така, пратките со кокаин, кој е најчесто шверцуваната дрога преку пристаништата на ЕУ, поаѓаат од Колумбија, Перу или Еквадор скриени во легален товар меѓу гајби со овошје, делови за машини или челични цевки. Некои одат директно преку Атлантикот, додека други минуваат низ точки за претовар во Западна Африка, како Сенегал, Брегот на Слоновата Коска или Зеленортската Република, или преку карипските пристаништа, со цел да ја затскријат трагата.
Инфраструктурната поврзаност со патишта и железница на Антверпен со секој голем западноевропски град, значи дека голем дел од кокаинот што пристигнува таму се транспортира со камиони на друго место се распределува, препакува и препродава овозможувајќи повеќекратен профит.
Белгиската царина проценува дека пресретнува само 10 до 40 отсто од кокаинот што пристигнува во нејзините пристаништа, додека остатокот ја преплавува Европа. И покрај запленетите 16,7 тони кокаин во Антверпен во првата половина од 2025 година, шверцот на оваа дрога продолжува преку скриени пратки, корумпирани пристанишни работници и фиктивни фирми.
– Белгија останува европска порта (за нарко шверц): заплените ги полнат насловните страници, но вистинската трговија никогаш не запира, заклучува „Еурактив“, пренесувајќи го предупредувањето на белгискиот обвинител Жилиен Моанил дека „десет или дваесет години лежерност, не можат да се поправат преку ноќ“.