БУГАРИЈА ЈА КОНФИСКУВА РАФИНЕРИЈАТА ЛУКОИЛ ВО БУРГАС? Парламентот донесе дискутабилен закон
Законот предвидува владата на Бугарија да именува посебен управник кој ќе ја раководи компанијата, кој ќе има овластување да продава акции „по пазарна проценка“. Опозицијата изрази загриженост поради можноста тоа да доведе до правни постапки против Бугарија.
Бугарскиот парламент денеска донесе закон со кој рафинеријата на руската група Лукоил во Бургас, на Црното Море, се става под државна контрола.
Ова е последица на санкциите на САД воведени во октомври против рускиот нафтен гигант, кои ја загрижија Владата на Бугарија дека поради санкциите таа руска рафинерија, најголемата компанија во Бугарија со промет од 4,68 милијарди евра во 2024 година, би морала да се затвори.
„Американските санкции, кои ќе стапат на сила на 21 ноември, „ќе доведат до запирање на работата на рафинеријата (…) поради одбивање на сите страни да извршат плаќања на компаниите кои ѝ припаѓаат на Лукоил“, објаснија членовите на мнозинската партија кога го поднесоа предлог-законот, донесен по забрзаната постапка.
Лукоил индиректно поседува 99,85 отсто од рафинеријата Нефтохим во Бургас.
Владата на Бугарија ќе именува посебен управник кој ќе ја раководи компанијата. Тој ќе има овластување, со одобрение од Владата, да продава акции „по пазарна проценка“, решија бугарските пратеници.
За време на дебатата, опозицијата ја обвини владејачката мнозинска партија дека го забрзала донесувањето на законот и дека состанокот на Комитетот за енергетика на Собранието траел едвај 30 секунди.
Исто така, изразија загриженост поради можноста управникот да ги продава акциите, бидејќи тоа би можело да доведе до правни постапки против Бугарија.