КАКО РАЗЛИЧНИ ЛУЃЕ ДА ГИ ДАВААТ ИНТЕРВЈУАТА НА ВУЧИЌ Захарова распали по српскиот лидер за продажбата на муниција
Едни изјави слушаме кога (српскиот претседател) е во Москва, а сосема различни кога зборува од други географски точки, вели портпаролката на руското МНР за изјавите на српскиот лидер дека Србија може да ѝ продава муниција на Европа.
Како повеќе различни луѓе да ги даваат интервјуата на српскиот претседател, вели портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, коментирајќи ги најавите на Александар Вучиќ дека Србија може да ѝ продава муниција на Европа. Таа изјави дека Москва со години добивала гаранции од Белград дека оружје од српско производство нема да заврши во Украина, јави РИА Новости.
– Москва постојано добива гаранции од српското раководство дека извозот на муниција е под строга контрола и дека оваа стока нема да биде испорачана во Украина, со цел да се спречи Киев да ја користи против нашите војници – рече Захарова на редовниот брифинг.
Меѓутоа, портпаролката ја изрази својата збунетост поради, како што рече, „контрадикторните“ изјави на Вучиќ во различни интервјуа.
– Знаете, кога ги читам сите овие интервјуа на српскиот претседател, се прашувам, дали навистина има само еден претседател Вучиќ таму, бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат сосема различни луѓе. Eдни изјави ги слушаме кога е во Москва, а сосема различни кога зборува од други географски точки – додаде Захарова.
Притоа, таа потсети дека руската страна постојано добивала уверувања од Белград за неутралност и строга контрола на извозот на оружје.
– Да бидам искрена, неколку пати, и на највисоко ниво, добивме изјави од српското раководство дека извозот на српска муниција е строго контролиран и дека оваа стока нема да заврши во Украина – нагласи портпаролката.
Захарова потсети на, како што рече, „долгогодишното братство меѓу руските и српските народи“ и додаде дека руските војници секогаш му приоѓале на помош на српскиот народ.
Според руските државни агенции, нејзината реакција следува по изјавата на Вучиќ дека Србија е подготвена да продава муниција на Европа, но само ако се почитуваат меѓународните правила. По објавата на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР), која тврдеше дека Белград испраќал муниција во Киев, Вучиќ соопшти дека „сите сомнителни испораки ќе бидат откажани“ и дека Србија го суспендирала извозот на муниција.
Аналитичарите ја толкуваат изјавата на Захарова како порака кон Белград дека Кремљ внимателно ја следи политиката на Србија.